Припадници на украинската Меѓународна легија во Северодонецк/Фото: Принт-скрин

Досега загинал 21 македонски државјанин од вкупно 79-мина што досега се бореле во војната во Украина, додека 19 ја напуштиле Украина, а 39 сѐ уште учествуваат во борбите, според податоците што вчера ги соопшти Министерството за одбрана на Русија, пренесува „РИА Новости“. Одреден број од илјадниците странски доброволци што се борат на страната на Украина во изминатите неколку недели исчезнаа или се заробени, што ги потенцира ризиците со кои се соочуваат, особено земајќи предвид оти многумина од нив се борат на своја рака, како дел од самоорганизирани групи, според „Њујорк тајмс“.

Двајца Британци и Мароканец минатата недела беа заробени додека се бореа за украинските сили, по што беа осудени на смртна казна во самопрогласената народна република Донецк под обвиненија за тероризам. А неделава, двајца Американци борејќи се со група странски борци исчезнаа во близина на Харков, по што нивните семејства стравуваат оти тие се заробени.

– Само мал број од илјадниците доброволци во Украина се прифатени од т.н. Меѓународна легија на украинската армија, додека другите се борат на своја рака во самоорганизирани групи – наведува американскиот весник.

Проруските сили во Украина тврдат дека дел од странските борци што ги заробиле се платеници и немаат заштита како воени заробеници според меѓународното право. Женевската конвенција прецизира дека заробените странски доброволци исто така можат да се сметаат за воени заробеници. Дефиницијата за платеник во меѓународното право, подразбира некој што првично се бори за финансиска корист и кој е значително подобро платен од локалните оружени сили.

Припадниците на Меѓународната легија добиваат ист надомест како и украинските соборци. Нивната основна плата изнесува околу 630 долари месечно, додека со дополнителните бонуси може да достигне неколку илјади долари месечно. Дел од оние што се борат со други групи добиваат еднократен надомест за покривање на трошоците, додека другите се слабо платени, тврди „Њујорк тајмс“.

Портпаролот на Министерството за одбрана на Русија, генерал Игор Конашенков изјави дека Министерството за одбрана на Русија го следи престојот во Украина на секој претставник на, како што вели „меѓународниот собир на коњаници без глави“.

Според руското министерство, 6.956 лица дошле во Украина од странство, од 24 февруари кога почна оружениот конфликт. Од нив 1.956 загинале во борбите, а 1.779 ја напуштиле државата. Уште 3.221 борец моментно војува на страната на Украина, според Конашенков. Од државите во регионот на руската листа присутни се и Хрватска со 204 државјани, БиХ 167, Косово 156, Албанија 150, како и Грција со четворица, Бугарија со тројца и Црна Гора со еден државјанин забележан на страната на Украина.


Украинската Меѓународна легија бира кого прима

Меѓународната легија на украинската армија беше оформена откако украинскиот претседател Владимир Зеленски кон крајот на февруари упати повик до странците да помогнат во борбата, и се смета за селективна во однос на нејзините припадници.

Францускиот адвокат Дамиен Магру, кој е гласноговорник за Меѓународната легија, во неодамнешно интервју порача дека им укажал доброволците одбиени од Легијата да се упатат кон полската граница, но додаде оти „тие се законски во државата и не можат да ги принудат на ништо“.

Магру смета и оти војната допрела до многумина американски ветерани со големо искуство од конфликтите во изминатите 20 години. Американскиот претседател Џо Бајден, пак, им порача на Американците да не одат во Украина.