Отстуството на обвинетата Маја Силјановска го одложи почетокот на судењето за случајот „Софтвери” против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и шест други лица. Покрај Рашковски и Силјановска, во „Софтвери“ се обвинети и Ивица Димитровски, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Христов и Игор Ивановски.

Рашковски се гони бидејќи Обвинителството смета дека како генерален секретар на Владата, спровел постапка за јавна набавка спротивно на прописите, која претходно ја договорил со фирмата која го добила тендерот. Во прилог на ова, Обвинителството тврди дека Рашковски дал и насоки како да се изготви техничката спецификација на јавната набавка. Тендерот од 81.000 евра го доби компанијата „Инвока“, чиј сопственик исто така е во притвор.

Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска ќе го води судскиот процес. Следното рочиште е закажено за 24 февруари.