Италијанската полиција во Џенова запленила околу 450 килограми кокаин на брод што пристигнал од Бразил и на него пронашла безживотно тело на српски државјанин, пишуваат италијанските медиуми.
Полицијата го уапсила работникот на пристаништето додека ја истоварал дрогата од контејнер од товарниот брод „МСЦ Аделаида“.
Во контејнерот биле пронајдени 14 ќеси со 400 пакети кокаин, со вкупна тежина од 445 килограми. Вредноста на пронајдениот кокаин на црниот пазар изнесува околу 30 милиони евра.
Полицијата не потврди дали на бродот било пронајдено безживотното тело на српскиот морнар, на возраст од околу 50 години, за што известија голем број италијански медиуми. Тие велат дека не е утврдена поврзаност помеѓу двата случаи.
Бродот што носел кафе пристигнал на италијанското пристаниште од Рио де Жанеиро пред неколку дена, а бидејќи бродот доаѓал од ризично место, било предвидено пратките во него да бидат проверени.
Полицијата во текот на ноќта по пристигнувањето на бродот, на безбедносни камери забележала дека работникот преместил еден контејнер, од каде што изнесувал ќеси со кокаин, по што одлучила да интервенира и да го уапси.
Бродот пловел со панамско знаме, а пред да пристигне во Италија, застанал и во Валенсија, Шпанија, и на уште едно пристаниште во Италија.