Фото: Архива

Притворот на Мухамед Зеќири е продолжен за 30 дена, објавија повеќе медиуми повикувајќи се на информации од Основниот кривичен суд Скопје, како и на потврда од адвокатот на поранешниот генерален секретар на Владата, Александар Трајковски.

Зеќири е во притвор во затворот „Скопје” во Шуто Оризари од 9 април, како осомничен во истрага за злоупотреба на службената положба и овластувања, отворена од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Зеќири се сомничи дека во периодот од април 2021 година до јануари годинава, со искористување на службената положба, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале двајца хрватски државјани, кои исто така се осомничени. Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100 денари, а на штета на Буџетот на Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги.