Основното јавно обвинителство Струмица донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 40-годишник осомничен за кривично дело – Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член 188 став 1 од Кривичниот законик, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 12 години.

Како што информираат од Јавното обвинителство, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струмица достави предлог за определување мерка притвор, поради опасност тој да се даде во бегство, да влијае врз сведоци или да го повтори делото.

-Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена – соопштуваат од обвинителството.

Наставникот во основно училиште во струмичко, е осомничен дека во периодот од октомври 2020 до април 2022 година преку социјална мрежа Фејсбук испраќал пораки со експлицитна сексуална содржина со кои сакал да ја наведе на сексуален однос, а во два наврати и ја допирал по телото.

Како што информираа од Министерството за внатрешни работи, на 20 мај 2022 таткото на девојчето го пријавил случајот во полициска станица и приложил докази, по што биле преземени мерки и наставникот на 21 мај2022 бил лишен од слобода во Куманово, а подоцна бил спроведен во СВР Струмица и со него бил извршен службен разговор.