Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од 25 отсто до 30 отсто од вкупниот број загинати лица во сообраќајни незгоди се пешаци. Изминатите години, според РСБСП, бројката на загинати пешаци на ниво на земјава се движи околу 30 загинати и околу 750 повредени пешаци во сообраќајни незгоди. Според статистиката на СЗО, годишно, на светско ниво, околу 1,3 милион лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 50 милиони се повредени во сообраќајни незгоди

КАМПАЊА ЗА ЗАШТИТА НА НАЈЗАГРОЗЕНАТА СООБРАЌАЈНА КАТЕГОРИЈА УЧЕСНИЦИ – ПЕШАЦИТЕ

Пешаците се една од најзагрозените категории учесници во сообраќајот, за кои податоците секогаш покажуваат дека се и најмногубројни жртви, кои настрадуваат низ сообраќајниците, и тоа најчесто како последица на брзо возење или непрописно преминување улица. Со доаѓањето на пролетта и сѐ потоплите денови, бројката на пешаци значително ќе порасне, бидејќи граѓаните претпочитаат прошетки на отворено, па токму затоа од почетокот на месецов започна и кампања посветена на пешаците како учесници на сообраќајот.

И јас и ти – сите сме пешаци!

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во соработка со Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност од Скопје, на први април започна со спроведување кампања за подобрување на безбедноста на најмасовната и најранлива категорија учесници во сообраќајот – пешаците, под мотото „И јас и ти – сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“. Оваа кампања ќе се реализира неколку месеци, при што ќе бидат опфатени голем број градови од државата.
– Во кампањата ќе се стави акцент на причините поради кои пешаците страдаат во сообраќајни незгоди, ќе се потсетува на сообраќајните правила и прописи што се однесуваат на пешаците, а постојано ќе се даваат препораки за однесување и на пешаците и на возачите затоа што безбедноста на пешаците и на возачите е заедничка грижа и треба заедно да придонесеме за поголема безбедност во сообраќајот – информираат од РСБСП.
Неодамна, кампањата беше реализирана во Струга, каде што активности имаа МВР, РСБСП и Факултетот за безбедност.
– Денес, во Струга, Министерството за внатрешни работи, заедно со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје, продолжи со активности од кампањата за подобрување на безбедноста на пешаците, под мотото „И јас и ти – сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“. Оваа кампања ќе се реализира неколку месеци, при што ќе бидат опфатени голем број градови од РСМ. Во кампањата се става акцент на причините поради кои пешаците страдаат во сообраќајни незгоди, се потсетува на сообраќајните правила и прописи што се однесуваат на пешаците, а постојано се даваат и препораки за однесување и на пешаците и на возачите затоа што безбедноста на пешаците и на возачите е заедничка грижа и треба заедно да придонесеме за поголема безбедност во сообраќајот – порача од Струга претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска.
Помошник-министерот за односи со јавност во МВР, Тони Ангеловски, потенцираше дека благодарение на ваквите активности се подига нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот.
– Им благодарам на граѓаните што ни се приклучија во овие активности и со своето однесување во сообраќајот даваат придонес за поголема безбедност. Сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Токму како резултат на активностите што ги спроведуваме изминатите години евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жртви во сообраќајот, кој секоја година се намалува, но, се разбира, и една жртва за нас е многу, па затоа продолжуваме интензивно да работиме за уште повеќе да ја намалиме оваа бројка. Минатата 2021 година имаше 116 жртви и тоа е година со најмал број жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првото тримесечје во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во првите три месеци од 2022 година има 18 жртви, што е за 10 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 28. Само во месец март 2022 година имаме четири жртви, а во март 2021 г. имало 16, што е бројка дури четири пати поголема од март 2022 – соопшти Ангеловски.

Од 25 отсто до 30 отсто од вкупниот број загинати лица во сообраќајни незгоди се пешаци

Пешаците се најмногубројна и најранлива категорија учесници во сообраќајот. Секој човек е пешак, а потоа возач на моторно возило, велосипедист итн.
Од 25 отсто до 30 отсто од вкупниот број загинати лица во сообраќајни незгоди се пешаци. Изминатите години, според РСБСП, бројката на загинати пешаци на ниво на земјава се движи околу 30 загинати и околу 750 повредени пешаци во сообраќајни незгоди.
Според статистиката на СЗО, годишно, на светско ниво, околу 1,3 милион лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 50 милиони се повредени во сообраќајни незгоди.
– Постои стереотип дека пешаците спаѓаат во најнедисциплинираните учесници во сообраќајот, како и дека за нивното учество во сообраќајот не постојат правила и прописи. Ваквото однесување на голем дел од пешаците, преку личен пример се пренесува и кај децата, па многу често децата пешаци страдаат во сообраќајни незгоди. Дополнителна опасност за безбедноста на пешаците претставува и однесувањето на возачите, од кои, поголемиот дел не ги почитуваат пешаците како рамноправни учесници во сообраќајот. Последицата од таквиот пристап е високата бројка на загинати пешаци во сообраќајни незгоди на годишно ниво – стои наведено на интернет-страницата на РСБСП.
Оттаму потенцираат дека за безбедно преминување улица, потребно е максимално и целосно почитување на сообраќајните правила и прописи и од страна на пешаците и од страна на возачите.
– Најважно е да се знае дека во сообраќајот не постои апсолутно право на првенство на минување. Тоа значи дека возилата се должни да ги пропуштат пешаците на пешачки премин, но истовремено секој пешак треба да ја преминува улицата на пешачки премин откако претходно ќе биде сигурен дека возилата што се движат по улицата се во можност безбедно да застанат. Пешачкиот премин е вистинското место каде што треба да се помине улицата, но времето на поминување зависи од случувањата во сообраќајот. Се разбира, доколку има семафори, тие го регулираат поминувањето на пешачкиот премин – информираат од РСБСП.