Илустрација/Фото: Игор Бансколиев / Архива

Насер Зибери со бројни забелешки за условите во казнено-поправните установи

Прекубројноста на осудените лица и несоодветните материјални услови во кои се сместени, несоодветно постапување на затворскиот персонал, условите во затвореното одделение, се нехумани и деградирачки. Недостиг на пристап до вода, корупцијата се уште активна во сите затвори со посредство на службените лица, проблеми со сместувањето на женските лица во казнено-поправните домови, многу психијатриски дијагнози со недостиг на детски психијатари. Ова се главните точки од Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам за 2021 година, што на денешната прес-конференција ги презентира народниот правобранител, Насер Зибери.

– Половина од казнено-поправните установи се соочуваат со недостиг од сместувачки капацитети за осудените лица кои се упатени на издржување на казната затвор. Ова е случај со казнено поправните домови во Штип и Прилеп, како и со затворите во Скопје, Тетово, Струмица, Битола. Веќе со години наназад состојбата во КПД Идризово е повеќе од загрижувачка и далеку под сите минимум стандарди. Во оваа установа се наоѓаат повеќе од половина од сите осудени лица, а повеќе од петстотини лица или една четвртина од целокупната осуденичка популација се сместени во затвореното одделение и во т.н. одделение „амбуланта“, изјави Зибери.

Тимот на Наросниот правобранител констатирал дека се сместуваат и по 16 осудени лица во една просторија, па така на пример во просторија од 16,5 квардратни метри со 8 кревети биле сместени 16 осудени лица, а во друга просторија од 19 квадратни метри се сместени 12 осудени лица. Во голем број простории со неадекватни услови се сместуваат и по повеќе од девет осудени лица.

– Во оваа смисла, условите во коишто се сместени осудените лица во затвореното одделение, како и во т.н. одделение „амбуланта“, слободно може да се опишат како нехумани и деградирачки. Осудените лица во овој дел од казнено-поправнот дом беа затекнати како спијат на сунѓери на под, во ходници, на импровизирани метални кревети ставени еден врз друг на три ката. Хигиената е на исклучително ниско ниво, а просториите се полни со лебарки, бубашваби и тафтабити. Осудените лица, исто така се жалат и дека немаат ниту пристап до топла вода и можност за одржување личната хигиена, информираше народниот правобранител.

Во однос на материјалните услови, посочи дека загрижувачка е состојбата и во Затворот Скопје, каде и понатаму се користат простории што се наоѓаат во исклучително лоша материјална состојба, според Зибери, притворениците се сместени во простории со високо ниво на влага и мувла по ѕидовите, опремени со несоодветни кревети и душеци, со стар и дотраен инвентар, ниско ниво на хигиена, нефункционален санитарен чвор и расипани чешми.

Во Затворот Куманово осудените сѐ уште се жалат на пристапот до вода. Овој Затвор е пуштен во употреба во 2013 година, а проблемот со водата е актуелен од самите почетоци. Службените лица истакнуваат дека се преземени активности за надминување на оваа состојба, но осудените лица се уште полнат, чуваат и складираат пластични шишиња со вода во своите простории.

Поплаки за несоодветено однесување – дрзок, навредлив, стигматизирачки и понижувачки третман од страна на вработените биле добиени од осудени лица во повеќето казнено – поправни установи, а во три казнено-поправни установи биле добиени наводи за заплашување и закани, како и за физичко малтетирање. Сепак, голем број од осудените лица стравувајќи од негативни последици одбиваат официјално да ги пријават ваквите случувања.

За време на извршените посети во Затворот Скопје и КПД Идризово, од тимот на НП констатирале практика на користење кожни ремени (лисици) врз осудените и притворените лица, што би можела да се подведе под поимот нехуман и деградирачки третман, а како сериозен предизвик на казнено поправните установи се наведува и психијатриската грижа, односно недостигот од истата, како и несоодветниот третман на лицата со нарушувања предизвикани од употреба на дроги.

– Оттука, подобрувањето на здравствената заштита и исполнувањето на целите предвидените со Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем мора да биде приоритет на Министерството за здравство заедно со Министерството за правда, како една од клучните компоненти на реформите во затворскиот систем, вели народниот правобранител.

Според Зибери, од тимот на НП биле добиени информации дека внесувањето недозволени предмети во голем број случаи е извршено со посредство на службени лица, а исто така и дека преместувањето од една во друга казнено-поправна установа или пак, во други простории со подобри услови во иста установа многу често се врши со плаќање определен надомест за таквата „услуга“.

– Со оглед на ваквата фактичка состојба, институцијата Народен правобранител укажа на потребата од преземање на конкретни мерки со коишто ќе се осигура дека децата од женски пол на кои со правосилна одлука им е изречена воспитна мерка упатување во воспитно – поправен дом ќе бидат сместени во установа специјално дизајнирана за нив и нивните потреби, на еднаква основа како и децата од машки пол, изјави Зибери.

Материјалните услови во Воспитно – поправниот дом Тетово во најголемиот дел ги задоволуваат предвидените стандарди, а имајќи предвид дека се работи за објект којшто функционира помалку од две години, опремата и инвентарот се нови и сочувани.

– Сепак и во овој новоотворен објект опстојуваат старите проблеми, ниту едно од децата сместено не посетува формално образование, информираше Зибери, но, додаде дека од Министерство за образование и наука било истакнато дека се спрема програма за започнување на образовниот процес во 2022 година.

Во однос на прашањето за цените како услуга за внесување уреди во затворите, Зибери рече дека не се впуштаат во тоа кој е износот на надоместокот за тоа, но неофицијално за внесување на еден телефонски уред изнесува од 200 до 500 евра зависно од местото на казнено-управната установа. Се разбира, таму се внесуваат и други средства како што се дрога и други недозволени средства.

Во врска со прашањето дали некој направил некаква контрола околу службените лица, да се проверат нивните домови или канцеларии, Народниот правобранител посочи дека неговиот мандат не е да води истрага или евентуално да казнува, туку да ги изнесе проблемите кои ќе ги воочи.

-Но, МВР при последната акција во затворот Идризово затекна вакви дејствија и презема соодветни чекори. Самиот министер за правда рече дека никој нема да биде изземен од одговорност, па и кривична, почнувајќи од директорите на установите до другите служби и затворските полицајци. Значи, доколку се утврди персонализирана одговорност таа треба да ја понесе секој без исклучок, рече Зибетри.

За прашањето што се случува во затворот „Скопје“ со најавениот и спроведениот штрајк со глад на пет затвореници кои се лишени од можноста да користат некои од погодностите, како што е викендот, посетата од нивните семејства, односно сопружници, Зибери кажа дека нивната препорака била дека тие лица не смеат да бидат лишени од тие права и погодности, и дека дале препорака дека да се преместат од затворот „Скопје“ во затворот „Идризово“.

Додаде дека затоа дури и се сомнева дека намерно се сместени во тој затвор за да бидат лишени од користење на тие погодности и затоа препораката е тие да се преместат во затворот „Идризово“ каде што постојат и услови и регулатива за користење на овие погодности.

За наводите за вршење на притисок врз вработените во казнено-поправните установи и дали Народниот правобранител има сознанија за состојбата во затворот во Струга и дали тие притисоци доаѓаат од носители на јавни функции, одговараше Александар Тренковски, советник за превенција од тортура и дел од тимот на Националниот превентивен механизам.

-Конкретно во КПД Струга не сме добиле информации од службените лица или пак од осудените лица дека не им биле овозможени некои погодности, ниту пак дека службените лица трпеле некои притисоци за да им овозможат на осудените лица одредени погодности. Нормално, можеби затоа што таму третманот е полиберален и тоа е установа – КПД од отворен вид, истакна Тренковски.

Во делот на КПД, додаде тој, најчесто осудените лица се соочуваат со притисоци да платат одреден надомест за да бидат преместени од установа со одреден вид во друга установа па дури и во рамки на истата установа во крила со подобри капацитети.

Во делот на притисоците што ги трпат службените лица тоа е нотирано за полициските службеници за време на посетите што ги вршиме во полициските станици нормално разговараме и со полициските службеници, информира Тренковски.