И покрај тоа што во одредени периоди од годината ловењето животни е дозволено, сепак во некои од истражувањата од мултидисциплинарните научни дисциплини што комбинираат психологија и социологија може да се прочитаат и смели заклучоци во кои се вели дека „оној што е подготвен да одземе живот на животно, во некоја наредна пригода ќе биде сосема подготвен да одземе живот и на човек“! Уште повеќе, според психолози од светски признаени и еминентни универзитети, среќаваме тврдења во кои се вели дека „убиството е убиство, независно за какво суштество станува збор“

ЛОВОТ ОД ПОИНАКОВ АГОЛ

Многумина не можат да го разберат одењето на лов како спортска дисциплина, бидејќи претставува чин на одземање живот на помали и послаби суштества од човекот, заради еден вид човекова забава. Во суштина, според психологијата како наука, тоа навистина претставува кревање на човечкото супериорно его, дека човекот е семоќен со оружје во рака, наспроти беспомошните животни на кои поради разонода им се одзема животот. И покрај тоа што во одредени периоди од годината ловењето животни е дозволено, сепак во некои од истражувањата од мултидисциплинарните научни дисциплини што комбинираат психологија и социологија се доаѓа до смели заклучоци во кои се вели дека „оној што е подготвен да одземе живот на животно, во некоја наредна пригода ќе биде сосема подготвен да одземе живот и на човек“! Уште повеќе, според психолози од светски признаен и еминентни универзитети, среќаваме тврдења во кои се вели дека „убиството е убиство, независно за какво суштество станува збор“!

ЛОВОТ НЕ Е РЕКРЕАТИВНА ДИСЦИПЛИНА?

Еден добар дел граѓани на Македонија редовно одат на лов. Со ловџиски пушки или карабини со различни калибри, со целосна ловџиска лична опрема, која е толку многу приспособена за престој во природа, многумина овој живот го живеат „во целосен ловџиски филм“.
Облеката, опремата, па дури и шаторите во кои понекогаш преноќуваат и спијат се камуфлажни, стопени во околината, во целосна мимикрија, за да не се одвојуваат од околината во која престојуваат.
Сето тоа е со причина – животните да не се исплашат од нешто невообичаено во нивната околина, за да не препознаат присуство на „предатор“ и без страв да се приближат до ловџијата, за да може тој, без многу труд и мака, „да му го одземе животот на животното“!?
На социјалните мрежи, особено за викендите, врие од фотографии од плодниот улов, најчесто на фотографиите се уловени диви свињи, иако нашите соговорници тврдат дека на големо се ловат волци, лисици, срни и елени.
– Јас лично повеќе одам на лов заради дружењето. Собрани сме долгогодишни пријатели, престојуваме во шума неколку дена, оставени на убавините или, пак, предизвиците што ги наметнува некогаш немилосрдната природа. Возбудливо е, спиеш во шатори, палиш оган, на тој оган се грееш, готвиш…, нашиот лов не е лов туку повеќе е дружење, бидејќи групите со кои одиме се тие што ловат, ние досега не сме заловиле ништо – вели Кирил Песковски.
Тој вели дека одат во поголеми групи, и токму затоа се држат понастрана од другите, бидејќи лесно можат да настрадаат од нечија пушка.
– Одењето на лов е забавно, но морам да напоменам дека, ако не се придржуваме строго кон сигурносните мерки, во ловот воопшто не е безбедно. Бидејќи сме облечени исто како и целото окружување, некој лесно може да се збуни, да помисли дека некој од нас е диво животно, па да пука и да нѐ повреди сосема случајно и ненамерно – вели тој.

ФАКТ Е ДЕКА ОД НЕБРЕЖНОСТ ЛОВЏИИТЕ МЕЃУСЕБНО СЕ ПОВРЕДУВААТ

Одењето на лов воопшто не е ниту безбедна дисциплина за рекреација, бидејќи од година на година сѐ поголема е бројката на настрадани ловџии како последица на забуна.
Камуфлажната облека, недоволната прегледност и фактот што ловџиите не се двојат од опкружувањето се најчестата причина за убиствата на нивните коловџии во планините.
Ваквиот тип незгоди воопшто не се новитет, бидејќи, како што пишавме и на почетокот, Македонците сакаат да одат на лов и голем е нивниот број.
Не поминаа ниту десетина дена од почетокот на новата година, Македонија веќе и официјално го брои првиот случај на повреден додека бил на лов.
Според податоците од Министерството за внатрешни работи, на шести јануари, во 12.45 часот, во СВР-Битола било пријавено дека во селото Тополница, општина Македонски Брод, повреди од огнено оружје добил М.М. (41) од Тополница. Екипа од полициската станица во Македонски Брод излегла на местото и било констатирано дека околу 12.10 часот, во атар на селото Тополница, М.М. со неговата пушка марка „бајкал ИЖ-18 -ЕМ-М“, која ја поседувал со дозвола, испукал куршум и си нанел повреда на ногата.
За жал, низ годините, МВР бележи голем број вакви случаи.
Во 2019 година, од СВР-Куманово е поднесена кривична пријава против еден сторител за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. Во 2020 година од СВР-Битола е поднесена кривична пријава против еден сторител за сторени три кривични дела „предизвикување општа опасност“, „незаконски лов“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Во 2021 година се пријавени три настани (СВР Тетово, Куманово и Велес) за починати три лица при лов, за кои се преземаат мерки за целосно расчистување на настаните.

[email protected]