При прегледување на снимките од надзорните камери, полицијата забележала маж и жена чии лица биле покриени со маски за заштита од коронавирус и со очила за сонце, а жената имала и перика. Биле потребни три месеци за да се идентификуваат. Подоцна било откриено дека тие исто така трипати го посетиле ресторанот пред грабежот, за добро да го проучат местото

Хрватската полиција уапси две лица осомничени во Шпанија дека украле 45 шишиња вино, вредни 1,6 милион евра, на граничниот премин Карашовиќи, со Црна Гора. Станува збор за поранешната мексиканска кралица на убавината Присила Лара Гевара и нејзиниот партнер, романско-холандскиот државјанин Константин Габриел Думитру. Присила, која беше уапсена, своевремено учествувала на натпреварот за мис на светот, пишува „Слободна Далмација“.
Шпанија по нив распиша европска потерница, а грабежот на скапото вино се случи во октомври минатата година во „Атрио“, еден од најугледните шпански ресторани во градот Касерес.
Мексиканската државјанка Присила пред девет месеци влегла во хотел во Касерес и изнајмила соба на рецепција, регистрирајќи се со лажен швајцарски пасош на име Мирка Голубиќ. Во престижниот ресторан на хотелот, таа резервирала место за вечера за себе и за својот партнер Константин. По вечерата, по покана од домаќинот, двајцата отишле да ја видат винската визба. Реномираниот ресторан во хотелот на своите гости им ја покажувал визбата, во која најскапото вино било шише „шато д’икем“ од 1806 година, проценето на 310.000 евра.
Шпанскиот весник „Ел паис“ пишува дека по посетата на винарската визба, двојката отишла во собата, а потоа Присила побарала од рецепционерката да ѝ приготви нешто за јадење во 1.30 часот по полноќ, бидејќи ресторанот бил затворен. Додека приготвувале десерт во кујната, Константин слегол од собата и со магнетна картичка ја отворил вратата од винарската визба и за десет минути украл 45 шишиња вино, кои ги носел во три ранци, а шишињата ги покрил со хотелски крпи и чаршафи за да не се скршат и да не прават врева.

Взори, во 5.30 часот, двојката се одјавила од хотелот и мирно си заминала. Персоналот на хотелот само седум часа подоцна го забележал исчезнување на 38 ретки шишиња на вино од 19 век.
При прегледувањето на снимките од надзорните камери, полицијата забележала маж и жена чии лица биле покриени со маски за заштита од коронавирус и со очила за сонце, а жената имала и перика. Биле потребни три месеци за да се идентификуваат. Подоцна било откриено дека тие исто така трипати го посетиле ресторанот пред грабежот, за добро да го проучат местото.
Хрватската полиција го потврди апсењето на двајцата странски државјани, кои беа уапсени во понеделникот, кога пристигнале од Црна Гора, но не соопштува детали, додека шпанската полиција го откри идентитетот на осомничените и одржа прес-конференција во Касерес.
Тие очекуваат нивна екстрадиција во Шпанија во следните десет дена. Константин бил баран и пред тоа поради два слични случаи на кражба во Мадрид, каде што живееле. Тие ја напуштиле државата неколку дена откако го извршиле грабежот. Во меѓувреме било утврдено дека тие биле во Романија во јануари 2022 година, каде што Константин си го продолжил пасошот. Откриле и дека бил уапсен поради кражба на шишиња вино од бесцаринскиот аеродром во Женева.

Осомничената двојка престојувала и во Франција, Белгија, Холандија и Германија, а минатата недела биле лоцирани на граничниот премин од Словенија кон Хрватска. Судијата на истражниот суд во Касерес веднаш издаде европска потерница.
Шпанските истражители не открија каде завршиле скапите шишиња вино и кој ги купил од нив.
– Немаме информации дека потенцијалниот купувач или можен соработник на осомничените е во Хрватска, Црна Гора или Словенија – соопшти полицијата во Мадрид, пишува „Слободна Далмација“.