Фото: Игор Бансколиев

Четворица државјани на Косово и четворица од Гостивар приведени откако меѓусебно се степале во ски-центарот Маврово. Во физичката пресметка во која биле користени и спортски реквизити, две лица се потешко повредени и пренесени на Скопските клиники. За дел од учесниците може да бидат поднесени и кривични пријави за насилство.

СВР Тетово соопшти дека полициски службеници од ОВР Гостивар вчера околу 18.15 часот ги привеле Ј.О.(27), Д.О.(30), Ф.О.(29) и А.О.(19) од Косово и Б.Д.(29), Г.Ѓ.(25), М.Ѓ.(41) и С.Ѓ.(30) од Гостивар, поради сомнение за нивна вмешаност во меѓусебната физичка пресметка која се случила на ски-терените на Бистра во Маврово, околу 14.50 часот.

Според пријавеното, во физичката пресметка биле употребени и тврди предмети, а две лица, А.О. и С.Ѓ. се здобиле со тешки телесни повреди, констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад”, каде во меѓувреме биле пренесени за укажување на лекарска помош.

Сите вмешани се задржани во Полициската станица Гостивар за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе биде изготвена соодветна пријава.