Демонстрантите ја уриваат оградата пред Собранието на протестот против францускиот предлог/ Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кривичниот суд определи осумдневен притвор за мажот што пукаше кај „Скендербег“ и двете лица што фрлија „молотови коктели“ и камења кон Собранието.

– Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, по произнесување на осомничените во присуство на бранител, донесе решенија со кои го прифати предлогот на обвинителот и на трите лица им определи мерка притвор во траење од 8 дена, согласно предлогот за водење истрага во скратена постапка – информираа од Кривичниот суд.

Судот смета дека се исполнети условите, односно постои опасност од бегство и можност осомничените да го повторат кривичното дело.

Против овие неправосилни решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд.

Вчера обвинителството предложи притвор за трите лица.

Како што информираа од ЈОРМ, мажот кој со пиштол пукаше кај плоштадот Скендербег се сомничи дека сторил кривично дело предизвикување општа опасност. За оружјето, како што велат од Обвинителството, поседувал дозвола.

– Осомничениот, на 6 јули, на платото пред плоштадот Скендербег, со општо опасно средство – пиштол „волтер“, модел „Р 99“ во калибар 9х19 мм, што го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето. За време на движењето на група граѓани што учествувале на јавен собир, тој забележал како некои од граѓаните фрлаат камења по што се упатил кон нив и во два наврата испукал по два куршума во воздухот – наведуваат од Обвинителството.

За две други лица, пак, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за кривично дело учество во толпа.

Првиот од нив, на возраст од 18 години, е осомничен дека на 5 јули, за време на протестите пред објектот на Собранието, учествувал во толпа што сторила кривично дело насилство, така што подготвил „молотов коктел“ во стаклено шише, кое го наполнил со бензин, му ставил парче ткаенина и го запалил. Шишето го дал на друг учесник во толпата, кој го фрлил кон поставениот кордон од полициските службеници за обезбедување на јавниот ред и мир пред зградата на Собранието.

Скопјанец нa возраст од 22 години, пак, за време на протестите пред Собранието на 6 јули исто така учествувал во толпа што сторила кривично дело насилство, така што од својот ранец извадил камења и запалки, со кои во неколку наврати фрлал кон зградата на Собранието и кон кордонот од полициски службеници. Притоа бил повреден еден полициски службеник.