Фото: Илустрација

Триесетгодишен охриѓанец го загуби животот во автомобил кај Подмолје, кога во него удрило друго возило кое го управувало лице во алкохолизирана состојба.

Несреќата, како што информираат од МВР, се случила синоќа околу половина час по полноќ помеѓу „ауди“ управувано од 24-годишно лице од селото Белчишта, Општина Дебрца и „фолксваген поло“, управувано од 30-годишно лице од Охрид.

– На местото на несреќата починало 30-годишното лице, а екипа на Итната медицинска помош констатирала смрт додека, возачот на возилото „ауди“ се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св.Еразмо“. Врз телото на починатиот ќе биде извршена обдукција – информира портпаролот на СВР Охрид.

Основното јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против 24-годишникот кој го управувал аудито. Од Обвинителството информираат дека осомничениот не се придржувал на условите на патот, не ги почитувал сообраќајните прописи и во видно алкохолизирана состојба, преминал во лентата од коловозот наменета за движење на возила од спротивен правец.

Веднаш по увидот, јавниот обвинител издаде насоки и наредби за прибирање на траги од местото на настанот, за утврдување на количество на алкохол во крвта на осомничениот, за сообраќајно – техничко вештачење, како и за обдукција на телото на починатиот.