Крадците најчесто влегувале во станови на приземје

Изминатата 2019 година, во периодот од јануари заклучно со ноември, вработените од СВР-Скопје регистрирале 973 дела кражби и тешки кражби во куќи и станови. Од МВР велат дека споредено со 2018 година, во 2019 година бележат намалување за 25 отсто од извршените кривични дела кражба и тешка кражба

Крадците не мируваат и постојано кројат планови каде и што да украдат, а често цел им се и домовите на граѓаните. Во нив насилно влегуваат и одземаат првенствено пари и вредни предмети. Изминатата 2019 година, во периодот од јануари заклучно со ноември, вработените од СВР-Скопје регистрирале 973 дела кражби и тешки кражби. Од МВР велат дека споредено со 2018 година, во 2019 година бележат намалување за 25 отсто од извршените кривични дела кражба и тешка кражба. Во изминатата 2019 година, повеќето од сторителите на овие кривични дела одзеле техничка стока, како на пример телевизори, лаптопи, мобилни телефони, златен накит и пари, како и огнено оружје, пиштоли, куршуми. Овие кривични дела се сторени со насилно влегување, како во куќи така и во станови, а крадците влегувале во нив откако добро испитале дека домаќините ќе бидат подолго отсутни од дома. Ни малку не е убава сликата кога по враќањето во својот дом ќе најдете сѐ испретурено и превртено. Крадците најчесто влегувале во куќите со насилно кршење на цилиндарот во бравата, а нивна цел најчесто биле и становите на приземје, во кои влегувале преку балконите.

– Дури и да се случи кражба во соседството навистина е непријатно чувство, човек ќе се вознемири. Да не зборуваме како им е на оние што се вратиле во домот. Тоа им се случи на моите соседи, им ограбија пари и накит. Се заклучи дека крадците биле тукашни од населбава и добро ги познавале состојбите и дури ги поздравиле оние со кои се сретнале. Фантомките ги ставиле на главата кога дошле пред вратата на станот што им бил цел. Отспротива од својот прозорец случајно ги видела повозрасна сосетка, која се исплашила и не можела веднаш да се сети на бројот од полицијата. Сѐ се случи околу 17 часот. По кражбата луѓето се иселија и го продадоа станот – раскажува една скопјанка.

Од полицијата велат дека кога сторителите на кражби во станови избираат каде да влезат, најчесто го прават тоа во становите на приземје, а во нив влегуваат кршејќи ги прозорските стакла или, пак, преку балконските врати.

– Во временскиот период од јануари заклучно со 30 ноември 2019 година, на подрачјето на СВР-Скопје се регистрирани вкупно 973 кривични дела кражби и тешки кражби. Од нив 88 се регистрирани како кривично дело кражба, дело што е казниво по членот 235 од Кривичниот законик и 66 дела се извршени во куќи, а 22 дела биле извршени во станови. Во 2018 година биле регистрирани 101 кривично дело кражба со што имаме намалување на овој вид кривични дела споредено со претходната година.

Преостанатите 885 се регистрирани како кривично дело тешка кражба. Ова дело е казниво по членот 236 од Кривичниот законик и 470 дела се извршени во куќи, додека 415 дела биле во стан. Во 2018 година се регистрирани 1.198 кривични дела тешка кражба со што и овде имаме намалување на овој вид кривични дела споредено со претходната година – информираат од МВР.

Крадците најчесто влегувале во куќите кршејќи ги влезните врати со кршење на цилиндрите во бравите или со употреба на клуч-калауз, но и со употреба на погодни предмети за обивање, како хебла, шрафцигери, клешти за сечење арматура, разни метални лостови и сѐ што може да им помогне насилно да отворат и да влезат.