Околу педесетина „бомби“ за договарањето со кинеските власти, „Ексим“ банка и компании околу изградбата на автопатските делници Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид беа пуштени на денешното рочиште од случајот „Траекторија“ на Специјалното јавно обвинителство во Кривичниот суд во Скопје. 

За случајот треба да се слушнат вкупно 315 „бомби“.

Во „Траекторија“ осомничени се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор за државни патишта Љупчо Георгиевски, дека во 2012/2013 година ги пречекориле своите овластувања во постапката за избор на компанија за изградба на автопатските делници до Штип и Охрид и нанеле штета на буџетот на државата од најмалку 155.117.172 евра.

Во досега преслушаните десетина разговори во судницата најмногу се слушаат разговори на Миле Јанакиески со неговите соработници и со амбасадорот во Кина, но и со Никола Груевски и Зоран Ставревски, за тоа како течел процесот за изборот на изведувач и преговорите за кинескот кредит.

Снимените разговори што се пуштаат во судницата, а кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, ги изнесуваше обвинителката Лиле Стефановска од СЈО. Денеска слушнатите разговори беа во периодот околу јуни 2012 година, односно пред македонска делегација да замине за Кина.

Во една од „бомбите“ Јанакиески вели дека треба да се побрза, бидејќи како што кажува „ова со Кинезите ми е основната база за идните избори“.

Јанакиески во еден од разговорите со македонскиот амбасадор во Кина, му вели дека проблем со „Ексим“ банката е како долгот да не влезе во ставката буџетски дефицит, туку како долг. 

– Главен проблем со „Ексим“ банка е што ние бараме да биде преку акционерско друштво, така што, парите нема да влезат како буџетски дефицит, туку како државен долг- му вели Јанакиески на македонскиот амбасадор во Кина, Оливер Шамбевски.

На почетокот на денешното рочиште, во една од „бомбите“ Јанакиески го информира Груевски дека Кинезите доставиле официјална понуда за автопатот Миладиновци-Штип од 288 милиони евра. Груевски, потоа, го прашува дали е тоа многу, на што Јанакиески му објаснува дека не е многу, бидејќи проценетата вредност била 250 милиони евра.

Одбраната, на почетоот од рочиштето, реагираше некои од бомбите да не се слушаат во присуство на јавноста, за што поранешниот вицепремиерот Владимир Пешевски, рече дека ќе се заштител државниот интерес.

Судијата Горан Бошевски, истакна дека за овие бомби ќе се изјасни на крајот.

Адвокатот Дончо Наков, исто така, го праша судот, дали разговорите се слушаат целосно или делови од нив, бидејќи некои од слушнатите снимки завршувале на половина реченица.