Oбјавена снимка од апсењето на осомничените за нападот на водачот на Кавачкиот клан

354

Украинската полиција објави видео од апсењето на осомничените за нападот на наводниот водач на Кавачкиот мафијашки клан од Црна Гора, Радоје Звицер.

Подолгата снимка, објавена на налогот на националната полиција на Украина, ја опфаќа целата акција, почнувајќи од снимките од надзорните камери на обидот за егзекуција во центарот на Киев, па сè до испрашувањето во станица.

На снимките, може да се види и увидот од истрагата каде е прикажано и користеното оружје, а потоа и „ловот“ односно потрагата по осомничените во текот на ноќта.

„Од каде си?“, прашува полицаец еден од уапсените на снимката.

„Од Македонија“, одговара човекот со лисици на рацете.

Второто лице на видеото одговара дека е од Србија и дека разбира зошто е уапсен.

Подоцна, меѓу другото, во полициската станица прикажан е еден од уапсените со српски пасош.

Според тамошните медиуми, украинската полиција ги уапсила осомничените вчера во Одеса, а при апсењето тие се спротивставиле и се обиделе да избегаат. Тие се обиделе да стигнат до границата со Молдавија и така да избегаат од украинската полиција.