Фото: Игор Бансколиев

Илегалното оружје не им е непознато на Македонија и на македонските полициски власти. За тоа освен што има доволни примери во секојдневните билтени на Министерството за внатрешни работи за поединечни инциденти од ваков тип, има и голем број покрупни случаи во кои полицијата успешно реализирала акции за заплена и спречување шверц на поголемо количество огнено оружје. Во периодите кога безбедносната состојба е фрагилна, оваа форма на криминалитет е поизразена, но тоа не значи дека кога политичко- безбедносната ситуација е стабилна, шверцот со оружје го нема или е искоренет

Илегалното оружје хронична болна точка за полициските власти

Црниот бизнис со оружје зема сѐ поголем замав, а за тоа доволен доказ се големиот број заплени на оружје во Европа. Војната во Украина придонесува овој облик на криминалитет да е во пораст не само во североисточниот дел на Европа туку и на Балканот. Во последно време, голем број случаи на инциденти со илегално оружје се забележани и полициски регистрирани и соодветно законски процесирани и во земјава. Сепак, полициските власти сѐ потешко успеваат да им навлезат во трагата на криминалните канали и организации, кои, пак, за жал, честопати пронаоѓаат многубројни и инвентивни начини за да продолжат успешно да го реализираат својот илегален бизнис.

Европол ги засилува мерките и активностите на овој план

На почетокот на месецов, Европол реализира меѓународна операција во која беа вклучени органите на прогонот на Полска и Холандија. Во операцијата успешно беа соборени криминални организации што во Полска работеле со шверц на оружје користејќи компании за испорака на пратки.
Како резултат на акцијата беа уапсени дури 82 лица, од кои 81 од Полска и едно лице од Холандија, а беа запленети 250 парчиња огнено оружје. Претресени беа околу 300 локации низ Полска и две локации во Холандија.
Уапсените полски членови на бандата биле дел од исто семејство и биле под истрага уште од 2020 година. Тие живееле во Холандија, а меѓу нив бил и водачот на бандата. Тие биле задолжени за набавка на огнено оружје од различни видови – и легално и нелегално – низ Европа. Овие огнени оружја потоа биле складирани во Холандија, а по потреба биле испраќани до членовите на семејството во Полска, за да го претворат деактивираното оружје во активно во претходно опремени илегални работилници.
Огненото оружје било огласено за продажба на полските онлајн пазари како „антиквитет“ или како „деактивирано“, чија продажба е дозволена.
Подоцна активираното нелегално оружје им било нудено на продажба на доверливи клиенти.
Откако ќе се продадело, оружјето било испраќано преку компании за испорака во пакети до други лица за понатамошна дистрибуција во Полска или директно до клиентите што го купиле огненото оружје. Организираната криминална група, исто така, доставувала муниција заедно со оружјето.

Регистрирани канали за шверц на илегално оружје и во земјава

Илегалното оружје не им е непознато на Македонија и на македонските полициски власти. За тоа освен што има доволни примери во секојдневните билтени на Министерството за внатрешни работи, има и голем број поголеми случаи во кои полицијата успешно реализирала акции за заплена и спречување шверц на огнено оружје. Во периодите кога безбедносната состојба е фрагилна, оваа форма на криминалитет е поизразена, но тоа не значи дека кога политичко- безбедносната ситуација е стабилна, шверцот со оружје го нема или е искоренет.
Само изминатите неколку месеци, МВР успешно заплени неколку парчиња оружје и муниција.
Во Кичево беше приведено 63-годишно лице, кај кое, при претрес од страна на полицијата, полициските службеници пронајдоа и одзедоа ловна пушка „оразара“, со калибар 16 мм, и десет ловни патрони, кои нелегално ги поседувал.
Во април годинава, полицијата го лишила од слобода С.Ф. (70) од Скопје. При претреси од страна на полициски службеници, извршени по наредба од основен кривичен суд, на две локации што ги користел С.Ф. се пронајдени и одземени оружје и муниција, и тоа: еден карабин „црвена застава“, калибар 8 х 57; еден пиштол „чешка зброевка“, калибар 7,65; еден пиштол „смит весон“, калибар 38 специјал; дваесет куршуми калибар 8 х 57; 36 куршуми калибар 7,62 за карабин; 23 куршуми калибар 38 специјал; 17 куршуми калибар 7,65; куршум калибар 7,62 за пиштол „ТТ-ЕЦ“; куршум калибар 7,62 за автоматска пушка; каписла; лисици; палка на расклопување.
Неодамна од огнено оружје беше повредено и едно 28-годишно момче.
Според информациите на полицијата, момчето било повредено во раката и грбот, пред зградата каде што живее. Тоа слушнало пукање од огнено оружје и почувствувало болка во раката и грбот. Како што изјавило момчето пред полицијата, при инцидентот забележало свој познаник, за кого и се сомнева дека го извршил пукањето.