Преку стотина барања за проценка на штети предизвикани од земјотресите во Битола и околината поднесоа битолчани првиот ден до Општина Битола. Колку од нив се издржани ќе утврдат општинските и Државната комисија.

Денеска во утврдувањето на последиците од земјотресите во Битола се вклучи и владината делегација предводена од заменик-претседателот на Владата, Љупчо Николовски заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, министерот за локална
самоуправа Горан Милевски, пратеничките Бисера Костадиновска-Стојчевска и Силвана Ангелевска, претседателот на владината Комисија за проценка и утврдување на висината на штетата од елементарни непогоди, Гоце Георгиевски.

Тие претходно имаа работен состанок со градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски и претседателката на Советот, Габриела Илиевска, која беше иницијатор на иницијативата за Владата да помогне во санирањето на штетите настанати од земјотресите во Битола.

Во утврдувањето на штетите од земјотресите во Битола се вклучија и претставници на ИЗИС, кои извршија увид во оштетувањата.

Тлото во Битола не престанува да се тресе по силниот земјотрес со магнитуда од 5,5 степени по Рихтер, кој беше почувствуван во неделата. Вчера во 15 часот беше регистриран уште еден силен потрес од 4,5 степени, а во текот на изминатата ноќ и утринава следуваа уште неколку послаби земјотреси.

На прес-конференцијата министрите истакнаа дека откако ќе бидат утврдени штетите најбрзо ќе се интервенира во санирањето на последиците во Клиничката
болница, јавните установи, детските градинки, училиштата, особено во пограничниот појас со Грција.

Засега тоа што се знае е дека во земјотресите намаше ни човечки жртви ни повредени лица. М.М.