Дваесет и двегодишниот возач и натаму се наоѓа во полициска станица, каде што е спроведен по увидот на местото на синоќешната сообраќајка на булевар „Партизански Одреди“ во Скопје, во која загина 24-годишна девојка. Момчето кое беше заедно со настраданата девојка, има набиеници по ударот од автомобилот „ситроен“, но е во лоша психичка состојба. Тој е пуштен на домашно лекување по приемот во градската болница „ Свети Наум Охридски“.

– Синоќа, кога бил донесен во болница, направени му се сите испитувања. Нема тешки повреди, има набиеница во пределот на карлицата. Бил и видно вознемирен, што е последица на тоа што бил сведок на еден таков немил настан. Пуштен е на домашно лекување – вели Љубен Арсенков, директорот на болницата, „Свети Наум Охридски“ за „Макфакс“.

Телото на трагично загинатата радовишанка е предадено на обдукција. Случајот е предаден на јавен обвинител во скопското обвинителство, каде што ќе се истражува како точно дошло до сообраќајната несреќа.

Според информации на „Макфакс“, се чека одлука на јавниот обвинител кој ја води истрагата, да каже дали ќе побара одредување на мерка притвор за возачот.  Земени му се крв и урина, за да се утврди неговата состојба во моментот кога управувал со возилото. Во полициска станица може да се задржи 24 часа, односно до вечерва, а доколку не биде побаран притвор, ќе биде пуштен дома. Од обвинителството соопштија и дека е издадена наредба за обезбедување на снимките од видеонадзорот на местото каде што се случи несреќата.

Сообраќајната несреќа се случи вчеравечер по 19 часот. Во двајцата пешаци удри автомобил „ситроен“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 22-годишен возач. Предната страна од автомобилот е искршена, заедно со стаклото кај совозачката страна. Според првичните неофицијални информации од сведоци до кои дојде „Макфакс“, возачот со голема брзина удрил во двајцата пешаци.