Откако поради стивнувањето на пандемијата на коронавирусот се олабавија мерките со кои беше забрането патување, повторно се интензивираа нелегалната трговија и шверц на различни стоки и производи, вклучувајќи и ретки и загрозени животински видови. Шверцувањето и нелегалната трговија со т.н. стаклени јагули е една од формите на нелегален бизнис, исклучително „исплатлив“ за криминалците. Имено, помалку е познато дека нелегалниот бизнис со стаклени јагули е една од „најзначајните и најпрофитабилни“ дејности за криминалците што се занимаваат со „шверц на заштитени животински и растителни видови“ низ светот. Нелегалната заработка од шверцот и трговијата со стаклените јагули се проценува на повеќе од три милијарди евра

Заштитени животински видови предмет на сѐ позасилена нелегална трговија

Забраната за ловење на стаклените јагули, како и нивната законска заштита, ги прави уште поатрактивни овие животински видови за криминалните организации. Стаклените јагули живеат во солените води во Европа и се врвен специјалитет претежно во азиските земји, каде што за килограм јагула се плаќаат и повеќе од сто американски долари. Нелегалната финансиска заработка од нивното шверцување и нелегална трговија ги прави неодоливи за работење на црниот пазар.
Европа е насочена кон заштита на стаклената јагула, бидејќи токму тој вид во изминатите години се намали за 90 проценти, како последица на нелегалното заловување и препродавање на црниот пазар. Од тие причини, Европол со години ја реализира акцијата насловена „Езеро“, во чии рамки се идентификуваат и лишуваат од слобода криминалците што „дебело заработуваат“ од овој бизнис.

УДАР ЗА ИЛЕГАЛНАТА ТРГОВИЈА СО СТАКЛЕНИ ЈАГУЛИ

Заедничката операција на европските тела за спроведување на законот им зададе уште еден голем удар на организираните криминални групи вклучени во глобалната трговија со стаклена јагула. Операцијата „Езеро 6“ траеше од ноември 2021 година до јуни 2022 година, со Европол, ЕФЦА, ОЛАФ и ДГ САНТЕ на Комисијата на ЕУ, кои ги координираа органите за спроведување на законот од 24 земји низ Европа и од целиот свет. Во тековната сезона на операцијата, извршени се 27.701 инспекција низ цела Европа, што доведе до апсење на 49 лица и заплена на 1.255 килограми стаклени јагули, со вкупна вредност од околу 1,9 милион евра.
Операцијата „Езеро“ е насочена кон трговијата со заштитена европска стаклена јагула, едно од најразорните злосторства против дивиот свет низ светот. Додека популацијата на европската јагула е намалена за 90 отсто во последниве години, постојаните активности за спроведување на законот против трговијата со јагула може да бидат делумно одговорни за спречување на целосното исчезнување на видот.

– Трговијата со стаклени јагули е еден од најзначајните и најпрофитабилни нелегални занаети со заштитени видови низ светот, со незаконски профит што се проценува на повеќе од три милијарди евра. Успешните напори за спроведување на законот во борбата против оваа закана за европскиот див свет дадоа голем придонес за значителното намалување на илегалната активност: процените покажуваат дека инцидентите поврзани со трговијата со јагули се намалени за 50 отсто од 2016 година, годината по започнувањето на операцијата „Езеро“. Оттогаш, повеќе од 500 лица се уапсени, а 18 тони стаклени јагули се спречени да бидат шверцувани и се вратени во нивните природни живеалишта.

ТАЕН ТРАНСПОРТ НА КОМЕРЦИЈАЛНИ ЛЕТОВИ

Откако се олабавија мерките со кои беше забрането патување, како последица на пандемијата на коронавирусот, повторно се врати практиката на шверцување стаклени јагули надвор од границите на ЕУ во багажот на патниците.
Ова беше главниот пристап за илегален извоз на млади јагули надвор од Европа пред пандемијата и се префрли на прикривање стаклени јагули во пратките со други стоки за време на периодот на ограничувањата за патување. Организираните криминални групи се потпираа на патници, обични граѓани, чии куфери беа користени со посебно имплементирани софистицирани методи, за да ги одржат стаклените јагули во живот до 48 часа.
Неколку криминални мрежи се одговорни за трговијата со овие риби од Европа во Азија. Во рамките на организациите, државјани на ЕУ се главно одговорни за нелегалниот риболов, додека државјани од дестинации во Азија организираат логистика и транспорт. Во одредени случаи, стаклените јагули се купуваат од ловокрадци, а во други, легално ловените стаклени јагули се отстапуваат на нелегални пазари, користејќи товар деклариран на царинските органи како друга стока и камуфлирани за да ги измамат скенерите.

Откако јагулите ќе пристигнат во Азија, тие се одгледуваат во рибници, а потоа се дистрибуираат на различни пазари низ светот. Трговијата со стаклени јагули, која се смета за деликатес во многу азиски земји, е една од највлијателните форми на трговија со диви животни низ светот. Постои сомнеж дека годишно од земјите на Европската Унија може да се шверцуваат околу 100 тони стаклени јагули, а цените достигнуваат неверојатни бројки, и до неколку илјади евра за килограм.

ШВЕРЦ РЕГИСТРИРАН И ВО МАКЕДОНИЈА

Во 2019 година, Секторот за внатрешни работи во Куманово поднесе до надлежното јавно обвинителство кривична пријава против Л.Х. (44) од Народна Република Кина, со живеалиште во Кралството Шпанија, В.В.М. (54) од Република Бугарија, Ј.П. (38) од Народна Република Кина, со живеалиште во Софија, Република Бугарија, против С.П. (41) од селото Режановце, Кумановско, и против И.А. (44) од Крива Паланка, вработен во Царинската управа на РС Македонија, граничен премин Деве Баир, поради постоење на основи на сомнение дека Л.Х. сторил кривично дело „шверцување“ по членот 278 став 2 во врска со кривичното дело „злосторничко здружување“ по членот 394 став 1, дека В.В.М., Ј.П. и С.П. сториле кривично дело „шверцување“ по членот 278 став 2 во врска со кривичното дело „злосторничко здружување“ по членот 394 став 2 и дека И.А. сторил кривично дело „шверцување“ по членот 278 став 5 во врска со кривичното дело „злосторничко здружување“ по членот 394 став 2 од Кривичниот законик.

Л.Х. формирал криминална група за шверцување недозволени стоки и противправно набавил поголемо количество стаклена јагула, која е редок подмладок на јагулите и претставува загрозен вид во Европа.

Tранспортот на стаклената јагула требало да се изврши на релацијата Софија – меѓународен аеродром „Скопје“ до Куала Лумпур, Малезија, каде што како купувач се појавува лице по име С.Н. од Малезија.

Л.Х. набавил 60 килограми подмладок од стаклена јагула, во вредност од 90 до 120 илјади евра, спакувана во 42 најлонски ќесиња со компресиран кислород, кој го сместил во седум големи патни торби. J.П. набавил парични средства во кеш во износ од десет илјади евра во противвредност на бугарски левови, по што на 3.4.2019 година, Л.Х., В.В.М. и Ј.П. ги натовариле патните торби со стаклена јагула во комбе „мерцедес“ со бугарска национална ознака. Откако обезбедиле авионска карта за патување за В.В.М., на релацијата Скопје – Истанбул – Куала Лумпур, заминале за Скопје. На граничниот премин Деве Баир ги чекал С.П., кој имал задача да обезбеди непречен премин при царинската контрола на македонска страна. По пристигнувањето на царинската контрола кај И.А., тој без задржување ги пуштил да го напуштат граничниот премин без царинска контрола на багажот.
Подоцна, на магистралниот пат Деве Баир – Крива Паланка – Куманово нивното возило било запрено од полициска патрола. При прегледот на возилото биле пронајдени седумте куфери со стаклена јагула, по што лицата биле приведени во СВР-Куманово.

[email protected]