Фото: Игор Бансколиев

Советот за безбедност на Обединетите нации во 2010 година откри поврзаност помеѓу производителите и шверцерите на цигари и финансирањето на тероризмот. Оттогаш се откриваат сѐ повеќе индикатори и се собираат докази поврзани со овој веќе глобален проблем. ОН открија дека милиони долари нелегално влегувале кај талибанците, а претходно во Ал каеда, но и во други терористички и организирани криминални групи.
Со тоа тие добивале постојан приход и го финансирале купувањето оружје и експлозивни средства како и друга софистицирана електронска опрема за комуникации за нивното функционирање

ШВЕРЦОТ НА ЦИГАРИ – ЛОГИСТИЧКИ ЦРН БИЗНИС ЗА ДРУГИ И ПОТЕШКИ КРИМИНАЛНИ АКТИВНОСТИ

Воведувањето повисоки акцизи за цигарите, несомнено, придонесе за раст на шверцот на цигари, кои на црниот пазар се продаваат по многу пониски цени од оние поставени според пазарната вредност. Како една од мерките за заштита на здравјето на луѓето, голем број држави воведоа посебни мерки за цената на цигарите да биде висока, со што луѓето ќе избегнуваат да ги купуваат. Сепак, многумина не се откажуваат од страста за никотин, па продолжуваат да купуваат цигари, а многумина од нив ги купуваат на црниот илегален пазар, каде што се продаваат по многу пониски цени, меѓутоа многу веројатно со послаб квалитет од оние дозволените на пазарот.

ЕВРОПОЛ ВО КОСТЕЦ СО ИЛЕГАЛНИТЕ ЦИГАРИ

Нелегална производствена линија на цигари што го преплавува францускиот пазар со милиони фалсификувани цигари неодамна беше разбиена во Словенија, како резултат на сложената истрага меѓу француските и словенечките власти, со поддршка на Европол.
Истрагата започна уште во октомври 2020 година, а беше фокусирана на организирана криминална група вклучена во недозволено производство и дистрибуција на цигари. По два успешни акциски дена во Франција, во април и мај 2021 година, насочени кон криминалците вклучени во дистрибуцијата на овие фалсификувани цигари, словенечките власти започнаа истрага „Огледало“, за да ги уапсат осомничените одговорни за производството на овие нелегални производи.
На 25 јануари, повеќе од сто полицајци од словенечките национални полициски сили и финансиската управа истовремено извршија рации на 11 локации, вклучувајќи и индустриски простории и приватни резиденции.
Оваа акција овозможи да се пронајдат неколку производствени локации поставени во магацини лоцирани во оддалечените области на Словенија. Запленети беа вкупно над 26 тони тутун, како и 29 милиони филтри, неколку машини наменети за производство на цигари и десет тони печатена хартија за пакување. Количеството на цигари што можело да се произведе со запленетата стока би било во вредност од 13 милиони евра на францускиот пазар.
Двајца водачи на криминалната мрежа задолжена за производство на цигари се уапсени врз основа на европски потерници, еден во Хрватска, еден во Словенија. Тие ќе им бидат предадени на судските органи, каде што ќе очекуваат судски процес и затворска казна.

ВО ХРВАТСКА ШВЕРЦУВАЛЕ 90 ТОНИ ЦИГАРИ ОД ДУБАИ

Полициски службеници од Националната канцеларија за сузбивање корупција и организиран криминал од Загреб, во соработка со полициски службеници, заедно со полициската и царинската управа на Република Хрватска, спроведоа истраги над шестмина странски државјани поради постоење на основано сомнение за направени кривични дела злосторничко здружување, недозволена трговија и давање мито. Еден од осомничените имал и хрватско државјанство.
Истрагата била поведена поради сомнеж дека криминалната група планирала, организирала и реализирала континуирано шверцување големи количества цигари од Обединетите Арапски Емирати преку територијата на Хрватска.
Членовите на групата обезбедиле непречен трансфер на пристаниште, за цигарите да пристигнат во контејнер со брод до Загреб, каде што документите гласеле на друг вид стока. Во контејнерите била поставена декларираната стока, а во преостанатиот дел од контејнерот биле ставени цигарите.
За да не бидат фатени, тие дури си обезбедиле и конекции во царинската управа, користејќи мито и корупција, за да обезбедат непречен превоз на цигарите.
Според полицијата, надлежните се сомневаат дека од Дубаи со бродови организирале да пристигнат контејнери со најмалку 90 тони, односно 5.798.400 цигари без маркици, а досега успеале да внесат 35 тони, односно 2.539.200 кутии шверцувани цигари. Цигарите потоа ги пренесувале во Словенија, Унгарија, Полска и други европски земји.

СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ ЗА МАКЕДОНИЈА

Иако речиси нема земја околу Македонија што не се справува со обидите за шверц на цигари, овој илегален бизнис е значително интересен и за македонските криминалци.
И Македонија е една од земјите каде што на големо се продава тутун нелегално, кој завршува во рацете на корисниците, кои откако ќе го купат, сами си прават цигари во своите домови.
Во септември минатата година, Одделението за истраги при Царинската управа на Македонија, заедно со Одделот за криминалистичка полиција при Министерството за внатрешни работи, реализира акција против нелегалната продажба на режан тутун.
Како што информираа, предмет на акцијата биле контрола и заплена на производи што нелегално се продавале и што претставуваат акцизни добра, а поради постапување спротивно од Царинскиот закон и другите закони, за чие спроведување е надлежна Царинската управа на РСМ. На две одделни локации на територијата на градот Скопје привремено беа одземени 280 килограми режан тутун, со што била избегната наплата на акциза во износ од околу 500 илјади денари. Против лицето беше поднесена кривична пријава по членот 279 Б од Кривичниот закон.
Во 2018 година беше уапсен градоначалникот на Општина Ново Село, Боро Стојчев, заради шверц на цигари.
Според полицијата, запрени биле две моторни возила натоварени со картонски кутии со цигари.
Во едното возило имало 29 кутии со по 50 штеки и една кутија со 49 штеки цигари, а било управувано од страна на Б.С. (54), со сопатник Ј.С. од селото Ново Коњарево. Во другото возило, управувано од Г.С. (24), со совозачот С.В. (26), од селото Ново Коњарево, биле натоварени 35 штеки цигари и една кутија со 49 штеки цигари и една штека со девет кутии.
При преземањето на потребните мерки и дејства, од слобода е лишено и лицето М.Т. (52) од селото Самоилово, кое управувало мотоцикл „хамачи“ без регистарски таблички – информираа тогаш од СВР-Струмица.
Како што се додава во соопштението, при обид за бегство на второто возило, од страна на полициски службеници биле испукани два предупредувачки куршума.
Нелегалната продажба на цигари е доста опасна. Советот за безбедност на Обединетите нации во 2010 година откри поврзаност помеѓу производителите и шверцерите на цигари и финансирањето на тероризмот. ОН открија дека милиони долари нелегално влегувале во Ал каеда, кај талибанците и други терористички и организирани криминални групи. Со тоа тие добивале сигурен приход и го финансирале купувањето оружје и опрема за нивното функционирање
Дури 48 милијарди цигари биле испушени во ЕУ во 2016 година, давајќи им на владите на ЕУ 10,2 милијарди во даноци. Дури девет проценти од испушените цигари биле илегално произведени или копии.
Во 2015 година едно истражување покажало дека пазарот на нелегална трговија и производство на цигари вреди од 7,8 до 10,4 милијарди долари во рацете на криминалните групи.

[email protected]