Поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство во Будимпешта, бара неговите два телефонски разговора со бизнисменот Орце Камчев објавени на Јутуб да бидат изведени како докази за случајот „Плацови на Водно“.

Груевски преку Фејсбук ја потврди автентичноста на разговорите, тврдејќи дека преку нив се докажува оти тој нема вина за обвиненијата со кои се соочува во судскиот случај. Во објавените разговори, може да се слушне како Камчев наводно му зборува на Груевски за исказот што го дал пред обвинителството.

– Овие снимки точно покажуваат дека немам никаква врска со таканаречените „Плацеви на Водно”. Јасно е дека никој не зел милион и пол евра од партија. Јасно е дека од никого не сум барал никакви услуги или совети за купување на тие плацеви – пишува Груевски на неговиот фејсбук-профил, нагласувајќи дека разговорите се водени во фебруари минатата година.

Се очекува судот денеска да донесе одлука за т.н. „бомби“ кои беа објавени на јутуб-каналот „The truth above all“ (вистината над се). Обвинителството и бранителите на другите обвинети ќе треба да се изјаснат – дали ќе приговараат против овие докази или ќе се согласат разговорите да бидат изведени пред судот.

Според обвинението за случајот „Плацови на Водно“, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.