Членовите на еврејската верска заедница Лев Тахор беа забележани во Македонија по талкањето низ повеќе европски држави од кои беа депортирани, со што нивното присуство ги вознемири граѓаните на Куманово, па се огласи и Министерството за внатрешни работи.

Регионалните медиуми пренесуваат дека групата била депортирана од БиХ, по што накратко се задржала во Црна Гора и тргнала накај Албанија, за моментно да се најде во Куманово.

На социјалните мрежи вчера беа забележани апели од кумановци за присуството на Лев Тахор во нивниот град. Беше објавено дека припадниците на Тев Лахор се сместени во приватни куќи во кумановската населба Зелен Рид.

Групат странци кои се во Куманово, припадници на еврејска верска заедница, имаат легален престој и привремено престојуваат во државата. Во наредните денови ќе ја напуштат државата, информираа вчера од СВР Куманово, повикувајќи на толерантност.

– Секторот за внатрешни работи Куманово ја информира јавноста дека групата лица забележана во Куманово претставува група припадници на Еврејската верска заедница. Овие лица ги почитуваат законите на Република Северна Македонија, се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава – соопштија од СВР Куманово.

Во групата, како што информираат од кумановската полиција, има американски, канадски, белгиски и граѓани од Јужна Америка, кои, како што посочија од СВР Куманово, имаат легални патни исправи односно документи и имаат одобрен престој во Македонија.

– Според информациите со кои располага МВР, групата е во постојано движење и во наредните денови се очекува да ја напуштат нашата држава. СВР Куманово ги информира граѓаните на Куманово дека наведената група не претставува никаква опасност и апелира на толеранција и солидарност кон истите – соопштија од СВР Куманово.

Претходно и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски рече дека кумановци се гостопримливи за сите добронамерници и дека официјалните институции ќе дадат официјално известување за групата граѓани странци кои престојуваат во Куманово.

Лев Тахор претставува еврејска религиозна група основана во 1988 година. Честопати окарактеризирана како секта, се проценува дека се состои од 200 до 300 членови. Групата следи атипични верски практики, кои вклучуваат невообичаено долги молитви и договорени бракови, а досега се соочи со обвиненија за киднапирање, сексуална злоупотреба и за злоупотреба на деца. Нејзините припадници се селат често, при што беа во Израел од 1988 до 1990 и повторно од 2000 до 2003 година, а во меѓувреме и во САД, Канада, Гватемала, Мексико, Романија и во БиХ.