Фото: Маја Јаневска-Илиева

Екипата на „Нова Македонија“ помина една седмица низ улиците и булеварите на Скопје, за да се увери во наводите на повеќе читатели дека не се почитува законот за носење кацига и за тоа јавно да се алармира. Резултатите од она што го забележавме се навистина поразувачки

ДА СЕ ЗАСИЛАТ КАМПАЊИТЕ ЗА БЕЗБЕДНОСТ ВО СООБРАЌАЈОТ!

Летниот период во земјава е карактеристичен по значително зголемен обем на сообраќај од страна на велосипедистите и возачите на мотори, а последниве години драстично е зголемен и бројот на возачи на електрични тротинети, за кои властите веќе неколку години по ред даваат и субвенции. Со самото тоа што бројката на оваа категорија учесници во сообраќајот во летните денови е зголемена, сосема е и очекувано бројката на несреќи во кои како учесници се појавуваат овие три категории да биде зголемена. Токму тоа е и најголемата причина за надлежните да се обидат да им го привлечат вниманието и, во рамките на летна кампања, да апелираат до нив да бидат исклучително внимателни, бидејќи тие се дел од најризичната категорија учесници во сообраќајот.

ПОРАЗУВАЧКИ РЕЗУЛТАТИ ЗА ВОЗАЧИТЕ НА ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ ОД ТЕРЕН

Сѐ поголема е бројката на возачи на тротинети и велосипедисти во земјава. Сепак, значително зголемено е присуството на возачите на електрични тротинети, а според граѓаните, добар дел од нив не ги почитува сообраќајните правила и прописи.
– Мислев дека едни од најлошите учесници во сообраќајот се моторџиите, кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, но откога почнаа на големо да се купуваат електрични тротинети, со сигурност можам да кажам дека таа титула им ја препуштам ним. Она што може да се види од дел од возачите на тротинети е крајно непочитување на сигнализацијата, возење по улици иако има велосипедски патеки, буквално пикање помеѓу возила за први да бидат на семафори и, за жал, во неколку наврати, несреќи во кои удриле мали деца и пешаци. За вечерните часови воопшто и да не почнувам да зборувам. Ако законот вели дека треба да носат елече што рефлектира светлина, тие немаат ниту најобична светилка на батерии, а камоли нешто повеќе – вели Мартин Димовски, жител на скопски Бутел.
И екипата на „Нова Македонија“, за да се увери дали е тоа навистина така, една недела помина низ улиците на Скопје. Резултатите од она што го забележавме се навистина поразувачки.
Буквално врие од малолетници на електрични тротинети, некаде дури и по две мали дечиња се возеа на тротинети, родители со мали деца во „кенгури“, родители со деца не поголеми од четири години, без обележени тротинети, а во вечерните часови без осветлување се доста честа слика низ скопските улици, а особено во скопските населби Бутел и Чаир и во реонот на Бит-пазар.
Секоја чест на исклучоците, меѓутоа сликата навистина беше поразувачка. Имаше и такви што го почитуваа законот, меѓутоа ниту еден од возачите во вечерните часови на себе немаше рефлектирачки елек.
За велосипедистите и возачите на мотори во повеќе наврати е пишувано. Најголемите прекршоци што ги прават тие се неносењето кацига, која, според сите анализи и статистики, навистина може да им го спаси животот. Поради високите температури, за жал, голем дел од нив го избегнува носењето кацига, а токму тоа е најголемиот ризик по нивниот живот како учесници во сообраќајот.

КАМПАЊА „НОСИ КАЦИГА, ВОЗИ БЕЗБЕДНО!“

Велосипедистите, возачите на мотори и електрични тротинети ова лето се во фокусот на кампањата на Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност, насловена „Носи кацига, вози безбедно!“.
За издигање на нивото на сообраќајна култура и намалување на бројот на жртви во сообраќајот, пред неколку дена во Охрид почна новата превентивна кампања.
– РСБСП, во соработка со МВР и Факултетот за безбедност од Скопје, ја реализира кампањата за велосипедисти, мопедисти и возачи на електрични тротинети, затоа што во овој временски период е зголемен бројот на учесници во сообраќајот како велосипедисти, мопедисти и возачи на електрични тротинети. Целта на оваа кампања е овие превозни средства да бидат соодветно означени, возачите да ги почитуваат правилата и прописите и задолжително да носат заштитен шлем-кацига, а возачите на електричен тротинет задолжително треба да носат рефлектирачки елек од почетокот на самрак до разденување – истакна претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска.
Таа истакна дека секојдневно може да се видат возачите на овие превозни средства како ја носат кацигата на рака наместо на глава.
– Затоа апелирам на поголема внимателност и одговорност, како и задолжително носење на заштитниот шлем-кацига на главата, бидејќи тоа е еден од факторите за заштита на возачите и лицата што се превезуваат со велосипед, мопед и електричен тротинет – рече таа.
Според помошник-министерот за односи со јавност во МВР, Тони Ангеловски, ваквите превентивни акции директно влијаат на издигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот.

– Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го издигнеме нивото на сообраќајната култура. Оваа кампања што ја почнуваме е за да влијаеме на свеста на возачите и на тој начин самите да си ја зголемат безбедноста. Ова особено важи за возачите на мотори, но и за возачите на електрични тротинети, кои се сѐ помногубројни. Носењето кацига може да ви го спаси животот. Иако минатата година е најбезбедна во последните 15 години, сепак имаме 11 возачи на мотори што го изгубиле животот. Доколку ги почитуваме правилата и носиме заштитен шлем, оваа бројка значително ќе ја намалиме – рече Ангеловски.
Тој нагласи дека кампањите како превенција се само дел од активностите за намалување на смртноста во сообраќајот. Ангеловски најави и продолжување на репресивните сообраќајни мерки, со зголемено присуство на сообраќајната полиција низ земјава.