Kривична пријава против „Ел Чека“ за oбјавените бомби

241

Основното јавно обвинителство достави кривична пријава до кичевското обвинителство против лицето „Ел Чека“ кој на социјалните мрежи од минатата недела секојдневно објавува нелегално прислушувани разговори од актуелни и поранешни функционери од ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Кривичната пријава е за неовластено прислушкување и тонско снимање според членовите 151 и 152 од Кривичниот законик.

Според пријавата, „Ел Чека“ кривичните дела ги извршува од Чикаго, САД, а негова пријавена адреса на живеење е во кичевското село Турин.

Поради итноста за заштита на правата на оштетените, односно прислушуваните лица, ОЈО Скопје на 31 мај годинава, изготви и достави барање за меѓународна правна помош со цел обезбедување на потребни податоци од профилот на социјалната мрежа. Обвинителството побара и од надлежните органи во САД да преземат законски дејствија во насока нa спречување на натамошно објавување на сниманите материјали.

-Основното јавно обвинителство Скопје за натамошно постапување согласно член 26 став 7 и член 40 став 2 од Законот за кривична постапка, ја достави до Основното јавно обвинителство Кичево кривичната пријава против едно лице за сторени кривични дела – Неовластено прислушкување и тонско снимање од член 151 став 2 во врска со став 1 и за кривично дело – Неовластено снимање од член 152 став 1 од Кривичниот законик. Содржината на кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика, се однесува на едно лице кое е со адреса на живеење во Кичевското село Турин, но дека кривичните дела ги извршува од Чикаго, САД, каде преку неговиот Фејсбук профил Ел Чека неовластено објавува снимани материјали. По проучување на наводите во кривичната пријава, констатирано е дека стварно и месно надлежно за постапување е Основното јавно обвинителство Кичево, поради што пријавата е проследена во ова обвинителство, стои во соопштението на ОЈО.

„Ел Чека“ на социјалните мрежи информираше дека поседува голем број на разговори кои наводно му се дадени од страна на обвинетите за „Диво Насеље“ кои бараат меѓународна истрага за случајот. Објавувачот изминатата недела напомена дека доколку не се исполнат барањата на обвинетите, меѓу кои и како сведоци да бидат прифатени поранешни високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ, ќе продолжат со објавување на разговорите.