Фото: МИА / Архива

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски и две други обвинети во случајот „Дизајн”, своеволно ја признаа вината за кривичното дело кое им се става на товар и беа прогласени за виновни и осудени на условна казна од две години затвор, која нема да се реализира доколку обвинетите во следните пет години не сторат ново кривично дело. Против пресудата странките имаат право на жалба до Апелациониот суд – Скопје, велат од Кривичен суд Скопје.

Пред судот, за невин се изјасни само Игор Јанушев, актуелен пратеник кој исто така бил член на Комисијата која ја спроведувала набавката. За него, судската постапка ќе продолжи. Во случајот нема штета врз буџетот на Македонија.

Според Обвинението, сите обвинети ја фаворизирале кинеската фирма која ги набави автобусите за ЈСП, а таа немала доставено банкарска гаранција и сертификат за квалитет како што се барало во тендерската документација. И покрај тоа што понуда на фирма од Бугарија била пониска, Комисијата го избрала економскиот оператор од Кина и му предложила на ексминистерот Миле Јанакиески да склучи договор со него. Сите обвинети се гонат за исто кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување.

Обвинението за овој предмет беше поднесено во јули минатата година, а набавката била правена во 2009 година.