Бандата „Пинк Пантер“ го добила својот прекар од истоимената комедија од 1963 година, со Питер Селерс и Дејвид Нивен во главните улоги. Името ѝ било дадено откако полицијата во 2003 година пронашла дијамантски прстен вреден 625.000 фунти, кој крадците го скриле во контејнер со крем за лице, идентично на она што е направено во филмот

Грабежот „Пики блиндерс“ во текот на кој беше украден накит вреден 25 милиони фунти од саемот за уметност во Мастрихт на крајот на јуни го изврши озлогласената банда крадци на скапоцени камења познати како пинк пантери. Грабежот во Мастрихт се случил среде бел ден. На саемот во Мастрихт среде бел ден се појавиле четворица мажи облечени во капути и со рамни капи на главите, истите што ги носеа ликовите од популарната англиска серија „Пики блиндерс“. Според снимката од безбедносните камери, крадците мирно и самоуверено се качиле до трибината, ставиле ракавици, ја скршиле со чекан и почнале да го грабнуваат пленот додека околу нив се шетале стотина луѓе и уживале во блескавиот накит.
Детективот за кражба на уметнички дела Артур Бренд верува дека крадците се дел од организацијата „Пинк Пантер“.
– Кога би требало да се обложувам, би рекол дека тоа е модус операнди и дело на „Пинк Пантер“. Она што го видовме беа бестрашни луѓе што јасно го кренаа својот среден прст кон остатокот од светот. Презедоа голем ризик, пинк пантерите се познати по тоа низ светот – изјави за „Тајмс“ истражителот познат и како Индијана Џонс на уметноста.
Бандата „Пинк Пантер“ го добила својот прекар од истоимената комедија од 1963 година, со Питер Селерс и Дејвид Нивен во главните улоги. Името ѝ било дадено откако полицијата во 2003 година пронашла дијамантски прстен вреден 625.000 фунти, кој крадците го скриле во контејнер со крем за лице, идентично на она што е направено во филмот. Се верува дека денес злогласната и легендарна организација на крадци има 250 члена, а седиштето ѝ е во Белград. Од 2003 година до денес, организацијата е осомничена за 340 грабежи на скапоцени камења низ светот, со проценета вредност од 300 милиони фунти. Со грабежи, кои се секогаш од висок профил и ризични, пинк пантерите се познати во подземјето по нивната камуфлажа и брзина.
Бренд тврди дека нерешениот грабеж на европската фондација за ликовна уметност одговара на шаблонот на „Пинк Пантер“ – студеност, храброст и дрскост. На најголемиот саем на уметноста во светот, среде бел ден, меѓу стотици посетители, да се ​​изврши таков чин е типично за пинк пантерите, посочи Артур Бренд.
Додека еден член на бандата земал накит од штандот на лондонската златарница „Симболик и Чејс“, други ги следеле набљудувачите вперувајќи оружје што личи на „узи“ кон нив. Сето тоа траело само една минута. Од излогот извадиле жолто дијамантско синџирче од 23 милиони фунти и обетки од „Картие“. Потоа побегнале. Тие го напуштија саемот преку излезот на персоналот и со електрични автомобили тргнале во непознат правец.
Детективот за грабежи Артур Бренд го опиша грабежот како сцена од филмот „Оушн 11“. Токму тоа сака „Пинк Пантер“, вели тој, да ги шокира луѓето кога ќе видат таков грабеж.
Доколку биде фатена бандата од четворица разбојници, им се заканува затворска казна од околу три години бидејќи пензијата ја заработиле за една минута.
– Тие ризикуваат да бидат уапсени, а кога ќе ги ослободат треба да бидат многу богати – рекол детективот.
Редок жолт дијамант на ѓерданот, кој му припаѓал на Џоел Артур Розентал, дизајнер на накит познат како „Фаберже на нашето време“, треба да ги збогати. Тој дијамант, веројатно, веќе е исечен и намален за да може да се продава на црниот пазар.
– Очекувам дека веќе го направија трипати помал. Обично тоа го прават крадците на скапоцени камења – откри Бренд.