Илустрација - архива/Фото: Маја Јаневска-Илиева

На мрежата за допишување позната како Телеграм се појавила нова група со име „Бојс проблемс клуб Белград“, во која, според српските медиуми, се продаваат наркотици во Србија.
Како што информираат српските медиуми, за целата ситуација да биде пострашна, реклама за оваа група стои закачена на автобуска постојка, а на неа го има кодот преку кој може да се влезе во групата.
На огласот наркотиците се напишани во шифри и жаргони, па, така, брид е име за марихуана, ко за кокаин, мисирки за печурки… При влезот во групата на Телеграм пишува дека тоа е „прва даркнет-продавница“ и дека во неа се функционира според „дед дроп метод“, кој е специфичен за „дарквеб-продажба“.
Како што информираат медиумите од соседна Србија, и на Фејсбук исто така циркулира групата „Дроп картел 021“, која наводно е задолжена за продажба на наркотици на територијата на Нови Сад. „Дед дроп“ значи дека дрогата е скриена на некои места, на пример под некој камен, во некоја грмушка, за да можат да ја најдат само купувачите. Купувачот ја добива локацијата и потоа оди и ја зема дрогата.
Според експертите, дарк веб е рај за криминалците.