Палење ракети, детонации на петарди и приредување огномет, факелијада или слични приредби мора да се пријават во Секторот за внатрешни работи на Министерството за внатрешни работи на чие подрачје ќе се одржи настанот на кој се планираат „пиротехничките перформанси“, најдоцна пет дена пред почетокот на настанот

Скопјани и жителите на другите градови мака мачат со соседи што од секоја прослава прават „новогодишна прослава“, детонирајќи пиротехнички материјал, распрскувачки ракети, силни петарди или огномет. Всушност, прославувањето некаков семеен настан, свадба, веселба, сунет, со палење и пукање огномет, граѓаните во теков на летово го практикуваат речиси секој ден. Пукотници се слушаат во кој било период од денот, особено во доцните вечерни часови, кога „пиротехничките перформанси“ се поуочливи, а уметничкото доживување неколкукратно се зголемува на темното небо. Но токму тогаш е и периодот кога малите деца најчесто спијат, а повозрасните ги користат пониските температури за да седат во своите дворови и тераси. Меѓутоа, тоа време предвидено за одмор, народски кажано, на граѓаните што не прославуваат им излегува „низ нос“, бидејќи речиси секоја вечер некој од соседите за своја љубов си организира пиротехничко шоу.

ТРЕНД ДА СЕ ОРГАНИЗИРА ОГНОМЕТ

Бутел, Чаир, Лисиче, Гази Баба, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и другите места низ земјата се преполни со илегално набавени пиротехнички средства, за што доволен доказ се вечерните шаренила на небото предизвикани од детонирањето на огнометот.
За граѓаните, пукањето огномет претставува измачување, бидејќи оние што пукаат, секогаш го прават тоа во доцните вечерни часови, нарушувајќи ги јавниот ред и мир и сонот на децата.
– Навистина е невозможно да се живее вака, бидејќи секоја вечер од некоја страна пука огномет. Независно што прославуваат соседите околу нас, дали свадба, роденден или обична семејна собиранка, сето тоа мора да се круниса со огномет. Денес стана навика секој за сенешто да пука пиротехника. Во разговор со моите први соседи, пред некоја недела, кога организираа роденден за нивната внука, која полнеше две години, тие ме предупредија дека вечерта ќе пукаат огномет. Отворено ги прашав од каде набавиле, ми рекоа дека во секое време може да се купи на Бит-пазар. Секако, не на отворена тезга, туку на црно, од под тезгата – вели Маријан Димитриевски, жител на скопски Бутел.
Тој за „Нова Македонија“ вели дека не се само неговите соседи туку буквално цела населба околу него.
– Сите пукаат огномет, воопшто не се ни грижат за времето на пукање. Имам мали деца, едното е три години, другото ми е бебе од пет месеци, двете се будат преплашени и едвај ги смирувам. Пукаат сите околу мене, а бидејќи прозорците се отворени, тоа звучи како да ти пукаат дома. Ушите ни зујат, нарушен ни е квалитетот на животот, не можеме ниту во вечерните часови да седиме на терасите и дворовите, затоа што неконтролирано се пука. Многумина од соседите, пак, кога ќе им речам дека огномет не се пука по полноќ, тврдат дека тој им бил пријавен, а знам дека ако е пријавен, тој не смее да биде по 23 часот – вели тој.

ОГНОМЕТОТ, СПОРЕД АКТУЕЛНИТЕ ПРОПИСИ, МОРА ДА СЕ ПРИЈАВИ

Од Министерството за внатрешни работи велат дека во согласност со постојните законски норми и процедури, изведувачот на огнометот при неговата изведба е обврзан од страна на Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите безбедносни мерки за заштита во согласност со Законот за заштита од експлозивни материи и упатствата за употреба на пиротехничките средства издадени од производителот.
– Известувањето од страна на изведувачот се доставува до надлежниот орган МВР, врз основа на членот 39 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир. Времетраењето за изведбата на огнометите е пропишано и се ограничува до 23 часот. Доколку пропишаниот временски интервал за изведба на огномети од II категорија (обични огномети во организација на граѓани по повод роденденски или други прослави, за разлика од огнометите од I категорија, кои по правило ги организираат институции или други правни субјекти) не се почитува, граѓаните можат да се обратат до надлежната полициска станица, која по службена должност ќе ги преземе сите неопходни мерки за заштита на граѓаните во согласност со Законот за прекршоци против јавниот ред и мир – велат од полицијата.


Шаренило на небото – шаренило од отровни хемикалии што го загадуваат воздухот

Боите на огнометот се добиваат од хемиска мешавина, која е преполна со штетни гасови. Боите зависат од металите и металните соли што се користат за производството на огнометот и петардите. Различни метали даваат различни бои. На пример, соли од литиум даваат розова боја, натриумот, пак, дава жолта или портокалова боја, бакарот и бариумот даваат зелена и сина боја, а калиумот дава црвена боја.
Иако нивната реакција е моментална, тешките метали, за жал, не согоруваат со експлозијата. Напротив, во контакт со воздухот, тие создаваат гасови и чад како јаглероден диоксид, јаглероден моноксид и нитроген, а сите тие се едни од главните одговорни гасови за климатските промени.
При експлозија, овие метали остануваат и ги загадуваат воздухот и водата. Кога се вдишуваат, може да предизвикаат сериозни краткорочни и долгорочни последици по човековото здравје, како што се повраќање и дијареја, астма, бубрежни болести и различни видови канцер.


Што вели членот 39 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир

Палење ракети и приредување огномет, факелијада или слични приредби мора да се пријави во Секторот за внатрешни работи на Министерството за внатрешни работи на чие подрачје ќе се одржи приредбата, најдоцна пет дена пред почетокот на приредбата.
Во пријавата од ставот 1 на овој член се наведуваат местото, времето и целта на палењето, односно одржувањето на приредбата, бројот на факлите, односно количеството на пиротехничките средства што ќе се употреби и мерките за безбедност што ќе се преземат.
Пријавувачот е должен да ги спроведе мерките за безбедност што ги навел во пријавата, како и мерките што му ги определил Секторот за внатрешни работи на Министерството за внатрешни работи.
Секторот за внатрешни работи на Министерството за внатрешни работи кому му е поднесена пријавата може да го забрани палењето ракети, односно одржувањето на приредбата ако тоа го бараат причините на безбедноста.
Писменото решение од ставот 4 на овој член ќе му се достави на пријавувачот најдоцна 48 часа пред одржувањето на приредбата.


Члeн 31

Кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин ги нарушува мирот и безбедноста на граѓаните, ќе му се изрече глоба во висина од 200 до 500 евра во денарска противвредност.

Член 32
Кој на јавно место неовластено приреди огномет, факелијада или слична приредба или не преземе мерки за безбедност во смисла на членот 39 од овој закон ќе му се изрече глоба во висина од 100 до 400 евра во денарска противвредност.
За прекршокот од ставот 1 на овој член на правното лице ќе му се изрече глоба во висина од 1.000 евра во денарска противвредност, а на одговорното лице во правното лице ќе му се изрече глоба во висина од 30 отсто од одмерената глоба за правното лице.