Фото: ЦУК
Сѐ уште е активен пожарот во месноста Раштански лозја, крај Скопје, а изгаснати се пет пожари на територија на цела држава, информира вечерва Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во информацијата за состојба со пожарите до 19 часот, од ЦУК посочуваат дека од 18:05 часот е интервенирано на пожар на сува трева и лозје, во месноста Раштански лозја. Во гаснењето на пожарот интервенирано е со три противпожарни возила и со десет пожарникари.
Изгаснат е пожарот во атарот на селото Беловиште кон Куново, Тетовско, каде се гаснела запалена депонија. Се интервенирало со едно противпожарно возило и со двајца пожарникари и четворица вработени од Национални шуми.
Во периодот од 14:10 до 16 часот имало интервенција на улица „Бајрам Шабани“ во Куманово, каде било запалено стрниште. Пожарот го изгаснале тројца пожарникари со едно противпожарно возило.
Пожарникарите денеска од 9:41 до 11:25 часот го гаснеле пожарот на запалено стрниште кај стариот млин, на патот Битола- Прилеп.
Во периодот од 14 до 15:20 часот се гаснел пожарот на сува трева во село Горно Агларци, општина Новаци. Во гаснењето на пожарот интервенирале двајца пожарникари со едно противпожарно возило. Притоа оштетена е една дрвена бандера, за што е информирана компанијата ЕВН.
Изгаснат е и пожарот на територија на општина Градско. Пожарникарите од 14 до 18:15 часот интервенирале на подрачјето на оваа општина, меѓу селото Ногаевци и патарината. Таму имало пожар на отворен простор на запалено трева, ниска вегетација, шавар, багрем и јасика. Во гаснењето на пожарот интервенирале ТППЕ – Велес со пет пожарникари и едно противпожарно возило. Изгорена е повершина од два хектари.