Фото: МИА

Целосно е изгаснат пожарот во магацините на компанијата „Пофикс” во поранешниот тутунски комбинат „Македонија Табак”, објави градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, преку социјалните мрежи.

– По многу напори на екипата на Територијалната противпожарна единица и доброволци, конечно е изгаснат пожарот во магацинот на фабриката „Пофикс”. Напорите од нашите херои го дадоа долгоочекуваниот резултат. Ваквите настани посакувам да не се повторат, со надеж дека иднината ќе биде добра и светла. Благодарност до сите учесници кои помогнаа во овие два исклучително тешки дена – порача Касами.

Пожарот започна вчера во 9.30 часот, а при крајот на денот се локализираше. Ноќеска и до раните после пладневни часови имаше чад и непријатна миризба од ова место на излезот од Тетово кон Скопје. Вчера од пожарната информираа дека неколкумина нивни колеги се полесно повредени или задушени поради интензивниот чад.