Фото: МИА

Првообвинетиот во случајот „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски – Боки 13, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје во завршните зборови рече дека е горд што бил претседател на невладината организација „Меѓународен сојуз”, која, како што нагласи, не добила ниту еден денар државни пари, туку финансирањето било од бизнис-секторот.

Јовановски изјави дека е горд на два потпишани договори, кои, според него, се општествено корисни и од капитално значење за државата.

– Поддршката од Владата, од Зоран Заев како премиер, ја имав од првиот ден на формирањето на „Меѓународен сојуз“. Дека Зоран Заев бил информиран и дека знаел за активностите и проектот е неспорен факт. Во судот беа спомнувани 719.350 илјади евра и други цифри, а никаде не видовме некаков доказ – истакна Јовановски.

Идејата за изградба на старечки дом, како што рече тој, ја добил во разговор со бизнисменот Силјан Мицевски.

– Во Скопје, Охрид и Гевгелија или Дорјан. Тие беа трите точки каде требаше да се изградат старечките домови. Проектот беше по мотив, волја, желба на бизнисменот Мицевски. И тоа на негово земјиште во Битола, за кое беа платени комуналии за зграда. Сакаше таму да гради – рече Јовановски.

Во завршните зборови Јовановски посочи дека од бизисменот Адријан Амзоски примил 350 илјади евра во готовина и дека за тоа не знаеле Фросина Ременски и Јасна Мандиќ – Ерцеговиќ, туку дека со тоа биле запознати Зоран Заев, Александар Кирацовски и Стефан Богоев.

Судијката Софче Гаврилова – Ефремова неколку пати го предупреди Јовановски да се придржува на завршните зборови кои се однесуваат на изнесените докази и, како што рече, ова е последен пат да го предупредува.

Јовановски возврати дека се надева оти овие прекорувања од судијката се уште само денеска и ја замоли „да го изржи уште денес“.

Првото рочиште за овој предмет се одржа на 1 јули 2020 година. Судењето за случајот го води судијката Софче Гаврилова – Ефремова, а застапник на денешното рочиште на Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е јавниот обвинител Трајче Пеливанов.

Според обвинителниот акт, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Адријан Амзоски дека ќе учествуваат во проект преку „Меѓународниот сојуз“ на Бојан Јовановски – Боки 13 и ги оштетиле со повеќе илјади евра.

Првообвинет во овој предмет е Бојан Јовановски – Боки 13, кој според обвинителниот акт е обвинет за кривичните дела „измама и перење пари”.

Обвинети во овој случај се и поранешната пратеничка од редовите на СДСМ Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на првообвинетиот Бојан Јовановски, и Јасна Мандиќ – Ерцеговиќ. Обвинетата Ременски се товари за кривично дело „помагање во делото измама”, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари”, а Миле Јовановски се товари за „помагање во перењето пари” и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје”. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз”.