Фото: Зоран Антоски

Во средиштето на Дебар вчера, при реконструкција на улица, беше пронајдена артилериска граната од 75 милиметри по потекло од Првата или Втората светска војна. Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување од Кичево ја подигна гранатата од местото каде што беше пронајдена и ја транспортира до локацијата каде ќе биде складирана и зачувана до нејзиното уништување што ќе се случи на воениот полигон Криволак.

– Денеска во Дебар при изведување на градежни активности на градската инфраструктура беше пронајдена артилериска граната од 75 мм по потекло од Првата или Втората светска војна. Гранатата беше подигната од самото место и складирана на соодветна локација, каде со останатите убојни средства кои во изминатите неколку месеци се пронајдени во регионот ќе биде чувана се до денот кога на воениот полигон Криволак ќе биде извршено уништување на овие минско-експлозивни и убојни средства – рече пиротехничарот Драгољуб Попоски, од ПО на ДЗС Кичево.

Инаку Попоски напомна дека во последната година бројот на пронајдени убојни средства во регионот е намален споредено со претходните години и децении. З.А.