Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе поведе иницијатива до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција за утврдување одговорност за поранешниот секретар на Владата Драги Рашковски за незаконито постапување со цел примање награда – возило.

Во анкетниот лист од 5 март годинава, Драги Рашковски, навел дека со договор за подарок, неговата сопруга се стекнала со автомобил „доџ“ произведен 2005 година, во вредност од 300 илјади денари или околу пет илјади евра, без да наведе дополнителни карактеристики за возилото.

Според образложението од Горан Трпеноски од ДКСК, Рашковски и покрај укажувањата од Министерството за транспорт и врски, очигледно тенденциозно, доставувал информација до Владата за градење објекти што се сопственост на државата од страна на гостиварска фирма, која за десеткратно помала цена продала возило кое потоа, наводно, било подарено на сопругата на Рашковски.