По изјавата на бугарскиот обвинител Сарафов дека недостасува еден патник од запалениот автобус, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција издало усна наредба до СВР Скопје за обезбедување на листи на патници од автобусите на „Беса транс“, со цел да се направи споредба.

Како што се наведува во соопштението, треба да се обезбедат листите на патници кои со автобусите на „Беса транс“ ја напуштиле Република Македонија на 18 ноември, како и листи на патници кои влегле во државава на 22-ри месецов.

Од обвинителството посочуваат дека наредбата е издадена веднаш по денешната прес-конференција на бугарските органи на истрагата во врска со сообраќајната несреќа што се случи завчера на автопатот „Струма“.

– Истата постапка ја спроведува и бугарското обвинителство кое ги споредува листите од граничните премини за влез на патници од Република Северна Македонија во Република Бугарија на 18.11 и листите за влез од Република Турција во Република Бугарија на 22.11 и излез од Република Бугарија кон нашата земја наредниот ден – појаснуваат од обвинителството.