Во Кривичниот суд за денеска се закажани рочишта за предметите на СЈО, „ТНТ“, „Труст“ и „Насилство во Центар“.

На рочиштето за ТНТ треба да бидат слушани 16 аудио разговори од т.н. „бомби“ во врска со уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина Фијат Цаноски. Во овој предмет обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.

Според обвинителниот акт, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а дополнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.

Судско рочиште треба да се одржи и за предметот „Труст“ во кој првоосомничен  е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.

Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.

Предметот, како што објави СЈО, е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два необјавени во јавноста од 3.8.2011 и 6.10.2011 година.

Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи и рочиште за одвоена постапка од предметот „Насилство во Центар“.