На денешното рочиште за предметот на Специјалното јавно обвинителство „Траекторија“ треба да бидат разгледани материјалните докази.

Во овој предмет обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Тие се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.

Груевски, Пешевски, Јанакиески и Георгиевски пред Судот се изјаснија дека го разбрале обвинителниот акт и предлог, но оти не се чувствуваат за виновни.

Според СЈО со противправното дејствување на обвинетите кинеската компанија „Синохидро“ се стекнала со имотно-правна корист од 155.117.256 евра, а износот на штета претставува разлика меѓу износот на цена што како држава ја плаќаме на „Синохидро“ и цената што оваа компанија им ја плаќа на подизведувачите.

Адвокатите, пак, тврдат дека ќе докажат оти со околностите и податоците со кои располагале обвинетите при носење на одлуките не е направено противзаконско дејствие.