фото: Игор Бансколиев

Во однос на менаџирањето со болницата, во делот на системот за гасење на пожари, ќе почекаме резултат од истрагата, посочи министерот Венко Филипче на попладневната прес-конференција во врска со пожарот во Тетово.

Тој најави дека и компанијата која ги одобрила безбедносните тестови за модуларната болница ќе биде дел од истрагата.

„Болницата е дадена целосно средена, без никакви недостатоци. Тоа е согласно процедурата. Сите овие ставки ги има тука во документацијата, но треба да почекаме на институциите. Доколку дозволат, ние може и да го споделиме тоа, но мислам дека зошто сега ќе бидат дел од истрагата, јавно не ќе смееме да ги соопштуваме овие работи“, истакна Филипче.

Во однос на тоа дали модуларните болници се безбедни, министерот тврди дека се.

„Апсолутно мислам дека болниците се безбедни, сите инсталации се таму присутни. И во сертификатите кои ги анализиравме, сите тие се сертификати за кавалитет, огноотпорност и А-тест – од сите производители и од страна на надлежната контрола, за секое едно парче“, увери министерот за здравство.

Тој уште еднаш нагласи дека сите информации се во документацијата која ќе биде споделена со надлежните институции.