Од Јавното обвинителство велат дека активно постапуваат за утврдување кривична одговорност во предметите поврзани со групите „Јавна соба“, во пресрет на петтиот Марш за женските права кој што е најавен за денеска со почеток од 15 часот, каде главен фокус ќе биде токму постапувањето на институциите по однос на овој счучај.

Од обвинителството посочуваат дека во врска со случајот „Јавна соба 1“ каде преку платформата „Телеграм“ се споделуваа интимни фотографии, нарушувајќи ја приватноста на жртвите, на 05. февруари годинава донеле наредба за спроведување истражна постапка против две лица за производство и дистрибуција на детска порнографија.

– Во периодот од 19 декември 2019 до 28 јануари 2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете – се наведува во соопштението на обвинителство во кое се додава дека истрагата во овој предмет е во тек и е во завршна фаза.

Во однос на вториот случај, „Јавна соба 2“, кој беше актуелен на почетокот на годинава, од обвинителството велат дека е во фаза на предистражна постапка.

– На 27. јануари годинава преку МВР од ‘Телеграм’ се побарани податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата. До овој момент од социјалната мрежа ‘Телеграм’ не е добиен одговор на ваквото барање. Овие податоци се неопходни со цел да се утврди идентитетот и Обвинителството да може кривично-правно да постапува против лицата инволвирани во оваа група – посочуваат од обвинителството.

Поради ова, искористени се и механизми на меѓународна правна помош, па податоците се побарани и од Обединетото Кралство.

„Во Основното јавно обвинителство Велес во врска со ‘Јавна соба 2’ оформен е предмет и донесена е наредба за истрага против едно лице поради сомнение дека го сторило кривичното дело – производство и дистрибуција на детска порнографија“, објаснуваат од обвинителството и додаваат дека при вештачење на мобилниот телефон на осомничениот, пронајдени се видео записи со детска порнографија.

Во однос на „Јавна соба 2“ оформени се предмети и во Битола, Прилеп и Кавадарци.

Битолското основно јавно обвинителството има издадено наредби за вештачење на ЦД и на мобилен телефон во насока на прибирање материјални докази, а во Прилеп од пријавеното лице се одземени два мобилни телефона и издадена е наредба за нивно вештачење.

Во Кавадарци во тек е прибирање на материјали докази, за кои обвинителството во моментов не е во можност да сподели детали.

Обвинителството ги охрабрува оштетените и жртвите од овој и слични кривично-правни настани да ги пријавуваат во Министерството за внатрешни работи како овластен орган за утврдување на идентитетот на сторителите на кривични дела.