фото: Маја Јаневска-Илиева

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска на прес-конференција посочи дека на заменикот окружен јавен обвинител на Окружното јавно обвинителство Перник, Бисер Јорданов Михајлов и истражителот во Националната истражна служба на Република Бугарија, Младен Христов Петров им биле предадени материјалите поврзани со истрагата за автобуската несреќа во Бугарија.

– На бугарските обвинители им ги предадовме ДНК анализите, записници од осум сослушани сведоци, предметот оформен во Министерството за транспорт и врски за лиценцата на превозникот „Беса Транс“ и целокупната документација за автобусот со кое располага македонското Министерство за внатрешни работи. За потребите на обвинителството на Бугарија и на обвинителството на Северна Македонија се продолжува со сослушување и на други лица. Наидовме на целосно разбирање од обвинителството од Бугарија и од утре двајца експерти од Институтот за судска медицина заминуваат во Софија за забрзување на постапката на идентификација на настрадануте – рече Јовевски.