Јавниот обвинител Љубомир Јовески нагласи дека во овој момент не може да се каже која е причината за незгодата, додавајќи дека можни се два фактора – човечкиот или пак, техничката неисправност на возилото, во неговата изјава пред болницата „Пирогов“ во Софија, каде се сместени седуммина од преживеаните патници.

– Сите прашања се отворени, затоа се води и истрагата. Нашите колеги јавни обвинители од Бугарија со кои имаме одлична соработка ги фиксираат сите траги, прибираат податоци и во овој момент не може воопшто ништо да се каже која е причината за незгодата – истакна Јовески, додавајќи дека станува збор за пообемни вештачења.

Обдукцијата на телата ќе се врши во Бугарија, додека биолошките траги на роднините на починатите ќе се земаат во Институтот за судска медицина во Скопје и веднаш ќе се достават во Бугарија, како што посочи Јовески, напоменувајќи дека не станува збор за паралелна истрага.

Во Софија со Јовески е и шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Рускоска.

Според последните информации, во автобусот кој се враќал од Истанбул имало 53 лица, од кои 46 го загубиле животот, а седуммина повредени се пренесени во софиската болница.