Откако го уапсија Камчев, Зоран Милески-Кичеец дојде целиот зелен и се жалеше бидејќи Бугарите ги изиграле, по што бараше да ургирам кај Јанева бидејќи сум ја познавал – раскажа Бојан Јовановски во судницата на судењето за „Рекет“, тврдејќи дека одбил. Исказите од Камчев, Камчева и Кичеец дека добил 500.000 евра за да Камчев излезе од затворот во Шутка, Јовановски ги оцени како ноторна лага.

За „Луј Витон“ торбата, првообвинетиот Јовановски рече дека од домот на Камчев ја земал Милески-Кичеец и оттогаш ја немал видено. Тој рече дека не видел што има во неа, но смета дека во неа немало 1,5 милиони евра поради леснотијата со која ја носел Милески-Кичеец. Јовановски кажа дека по два дена откако е изнесена од домот на Камчев, таа е вратена таму од страна на Милески-Кичеец.

– Кичеец беше агент-провокатор. Со него имаше ред обичен муабет, па за ‘Империја’, па пак така. Тој се снимаше. Барам од судот и од ОЈО да се вештачат и неговите мобилни телефони, јас ги знам сите шифри и ќе ви ги доставам. На 20 февруари не се случи ништо, се беше чиста монтажа. Килеец дојде кај мене, велејќи дека ќе ме земе за кај Камчев. Таму бевме околу 16 часот, Зоран и Орце влегоа во посебна просторија, а јас бев во салонот. Се задржаа половина час. Кога излегоа, Кичеец ја зема. Ја носеше со леснотија. Ако имало 1,5 милиони евра, би била потешка. Си отидовме, а Кичеец ме однесе кај моите и си замина на работа. Торбата во ниту еден момент не сум ја земал во раце – кажа Јовановски.

Тој тврди дека на торбата „Луј Витон“ нема негов оттисок и е вратена во домот на Камчев. Јовановски смета дека тоа може да се докаже од хард дискот од камерите на Камчев, кога би се извадила снимката од 22 јануари, два дека откако Милески-Кичеец ја земал торбата.