Со изложување детали за здравствената состојба на Бојан Јовановски почна судењето за случајот „Рекет“, каде што денеска треба да се слушаат снимките обезбедени од сведокот, бизнисменот Орце Камчев.

Со повишен тон и мавтајќи со медицинска документација, Јовановски рече дека има рак на желудник на 33 години и ѝ се обрати на обвинителката Вилма Русковска.

– Вршите тортура врз мене, корумпирана обвинителке! – рече Јовановски.

Тој беше отстранет од судницата па повторно вратен. Јовановски пред судот рече дека не се чувствува добро, дека бил на гастроскопија каде му бил утврден малигнитет на желудник, а кога судијката рече дека ќе повика брза помош во судницата, тој одби, велејќи дека ќе му дадат дијазепам, а тој не сака да му се суди додека е под седативи.

Апелацискиот суд во понеделникот ја одби жалбата на Јовановски за укинување на мерката притвор.