Фото. Васка М. Младеновска

Вистинска драма се случувало доцна синоќа на битолскиот Баир, на улица Дебарска, кога пожар зафатил дури три куќи.

Иако пожарот, кој според некои информации едниот брат му го подметнал на другиот,зафатил дури три куќи, а на пожарникарите на битолската противпожарна единица, кои веднаш стигнале на местото со цел да го изгаснат пожарот, луѓето од ромската населба Баир не им дозволувале да го локализираат пожарот.

Буквално цело време, откако стигнале на местото каде биле зафатени куќите од пламените јазици пожарникарите биле навредувани, омаловажувани, пцуени, а дури и физички спречувани да интервенираат во гаснењето на пожарот.

Ова денеска го соопшти командирот на Противпожарната единица на Битола, Костадин Поповски, кој притоа изјави дека во својата долгогодишна кариера никогаш немал видено ваков случај пожарникарите да бидат спречувани да интервенираат во гаснењето на пожарот.

-Ние само што бевме известени за пожарот со едно возило и петмина пожарникари се упативме на местото на настанот, каде кога стигнавме едната од куќата, која беше изградена од штици, веќе буквално беше целосно изгорена. И наместо жителите од тој дел на Битола да ни помогнат во гаснењето на пожарот тие едноставно ги спречуваа нашите пожарникари да интервенираат – изјави командирот на Противпожарната единица на Битола, Костадин Поповски.

За непријатностите што ги доживеале во синоќешното гаснење на пожарот на битолскиот Баир сведочеше и пожарникарот и раководител на одделението, Јоше Вринтовски.

-Вакво нешто немам видено. Долги години работам како пожарникар. Сум бил сведок кога луѓе на кои ќе им се случел пожар непристојно реагирале дека сме доцнеле, не сме интервенирале како што треба, или ни најдувале други маани, но досега не сум видел некој, кој те викнал да го гаснеш огнот на неговата куќа, не само да те спречува истиот да го гасиш, туку со сите постапки кои ги преземаа против нас уште повеќе го “потпалуваа” пожарот, предизвикувајќи гнев и револт кај насобраните граѓани – изјави Јоше Вринтовски.

Со своите постапки жителите од Баирот не дозволувале на местото каде гореле куќите да се приближи второто возило кое дошло на помош и кое носело нови количини на вода за гаснење.

Инаку синоќешниот пожар има своја предисторија. Имено според некои сознанија двајцата браќа, кои не биле во добри односи, постојано се карале еден со друг. Откако претходно во повеќе наврати му се заканувал дека ќе му ја запали куќата, синоќа тој му го подметнал пожарот на својот брат. Но откако му ја запалил куќата на својот брат, пламените јазици ја зафатиле и куќата на соседот, кој ни крив ни должен буквално остана без куќа и со трите малолетни деца на улица.

Во една таква вжештена атмосфера, возачот на возилото на пожарната, кога се обидел да го сврти возилото, тоа изгаснало при што откако излегувал од кабината со вратата го повредил еден од разбеснетите граѓани на кого наводно му ја скршил раката.

На местото на настанот пристигнала и полиција да ги смирува страстите кај жителите на Баирот, кои ја обвинуваа против пожарната единица дека доцна стигнала да интервенира и немале доволно вода во возилото.

-За тоа кога е пријавен пожарот и кога тргнавме да интервенираме постои доказ во нашата телефонска централа – велат од ППТТ Битола, кои ги отфрлаат сите обвинувања упатени на нивна адреса дека доцнеле со интервенцијата.

Во битолската полиција го потврдија немилиот настан и ни изјавија дека работат на расчистување на случајот.

Потпалувачот на пожарот уште од порано и бил добро познат на битолската полиција.

По документирањето на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава против лицето кое го подметнало пожарот и кое навдоно му се заканувало на својот брат дека ке му ја запали куќата, велат во СВР Битола.