Во сведочењето на рочиштето за „Плацови на Водно“

Се случуваше донаторот да разговара со претседателот на партијата, да ја истакне волјата да донира, па претседателот ги договараше начинот и условите како можат да ѝ помогнат на партијата, кажа поранешната министерка Гордана Јанкулоска при сведочењето на барање на Обвинителството на денешното рочиште за „Плацови на Водно.

Јанкулоска од обвинителката Лиле Стефанова беше распрашувана за начинот на кој се финансирала ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се докаже тезата на обвинителството дека поранешниот лидер на партијата Никола Груевски ги обезбедил парите за плацовите на Водно од партиската каса.

Јанкулоска истакна дека може да зборува за периодот кога била генерална секретарка на партијата, од 2004 до 2006 година, нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ тогаш се финансирала преку донации од физички лица, при што дел од донаторите сакале да бидат анонимни.

Таа истакна дека се случувало претседателот на партијата (како што го нарекуваше поранешниот премиер Никола Груевски за време на сведочењето – н.з.), да ја повика додека е на состанок со некој од донаторите.

– Некогаш донацијата била дадена истиот ден, или се случувало да ги остават парите на претседателот ако не сум била таму – кажа Јанкулоска, додавајќи дека се водела неформална евиденција и оти не станувало збор за големи суми на пари.

Поранешната министерка одговори и дека во нејзината канцеларија имала два сефа. –

– Имаше маше два сефа во мојата канцеларија, едниот беше масивен, од 1,5 метри, и мало сефче, како каса, каде што се чуваа парите кои се користеа на дневна основа. Големиот сеф практично не беше во функција, бидејќи не беше отворан. Ниту сум знаела шифра, ниту пак сум имала клуч – рече Јанкулоска.

Таа додаде дека во старото седиште на партијата имало повеќе сефови.

– Мислам дека имаше сеф и во канцеларијата на претседателот – посочи Јанкулоска.

Груевски, според обвинението, од 2006 до 2012 година како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации што ги добивал ги задржувал за себе, па така, наводно, прибрал најмалку 1,3 милиони евра. Дополнително се тврди дека од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил за купување градежно земјиште на Водно.