Ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешното рочиште за случајот „Таргет-Тврдина“ го запраша сведокот Сашо Трајковски, вработен во УБК зошто кога веќе знаел, не ја известил дека била таргет на нелегалното прислушување.

Сведокот Трајковски на ова одговорил дека случајно открил дека таа е прислушувана откако прочитал една СМС порака и не знаел како да дојде до неа кога била министерка.

-Не знаев како да дојдам и да Ви кажам, еј министеркe Ви ги слушаат разговорите, рече Трајковски.

Сведокот претходно напомена дека како главен администратор задолжен за одржување на системот имал можност да види кој се бил таргет на следење и дека бил член на Комисијата што направила попис и донела одлука за опремата што треба да се ништи.

Според обвинението на Специјалното јавно обвинителство, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Во предметот „Таргет–Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.