Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, прашана како отвора нови истраги кога нема мандат за тоа, рече дека СЈО според Законот за кривична постапка има право да поднесува обвиненија и да постапува. Очекува наскоро да се реши прашањето за статусот за СЈО и како што кажа, тоа најбрзо што може да продолжи со својата работа.

– Ние се трудиме да се бориме против криминалот што е извршен од 2008 до 2015 година, согласно нашите прислушувани разговори. Мандатот ни трае пет години, тоа значи до 2020 година, и сигурно ќе не гладете во други истраги и други предмети – изјави Јанева на денешната прес-конференција во СЈО.

Прашана дали се побарани некакви мерки за случаите „Попис“, „Моќник“ и „Актор“ што денеска ги објави СЈО, Катица Јанева, рече дека засега не се побарани мерки за осомничените.

Прашана дали Али Ахмети и Никола Груевски биле на распит во рамки на предистражната постапка во предметот „Попис“ , Јанева рече дека не биле во предметот како сведоци.

– Сега сметаме дека ќе бидат соодветно повикани врз основа на законските одредби, рече Јанева.

За истрагата за „Актор“, таа рече дека на распит се повикуваат лица кои во овој момент му се достапни на СЈО.

– Започнува истрагата. Официјално ќе се земаат изјави од сведоци, за осомничени и за правните лица и врз основа на тоа ќе се побараат и мерки од судот. Во оваа фаза мора да ви кажам дека меѓународната правна помош се воспостави во изминатиот период и се надевам дека тоа ќе биде побрзо, бидејќи со Република Грција имаме и други предистраги и обвинети лица кои се таму и сето тоа е во фаза на преговарање и врз основа на меѓународна правна помош – рече Јанева.

На новинарско прашање Јанева потврди дека е замрзнат имотот на синовите на поранешната пратеничка и член на ДИК Силвана Бонева, во врска со истрагата што СЈО ја отвори во декември лани против неа за злоупотреба на патни трошоци.

– Да, се работи за наше барање и судот донесе одлука, изјави Јанева.

Јанева посочи дека во периодот што следи, се што ќе преземат во овие истраги, ќе биде јавно објавено.