По преслушувањето на дел од снимените разговори и докази во „Рекет“ меѓу обвинетиот Бојан Јовановски и осудениот Зоран Милески-Кичеец, во судницата реагира и обвинетата Катица Јанева. Таа пред судијката Васка Николовска-Масевска рече дека во другите два разговора, кои ќе се слушаат на наредните рочишта, се гледал поткупот и дека од таму почнува нејзината одбрана.

– Сметам дека неоспорно се потврди дека никој не разговарал за рекет во времето кога Орце Камчев бил во притвор. Нејќете да ги изведете останатите два разговора, а токму таму се гледа поткупот и од таму почнува мојата одбрана – рече Јанева во судницата по што судијката Николовска-Масевска ѝ рече дека тоа ќе се направи во дополнување на доказната постапка.

Реагира и Јовановски, според кого разговорите меѓу него и Милески покажуваат спротивност на сè што му се става на товар. Според него, делови од разговорите се „шушумигања и кокетирања“ и тие не можел да ги разбере.

– Сметам дека овој изведен фајл покажува само спротивност на сè што ми се става на товар во обвинителниот акт од страна на обвинителката. Нашите шушумигања и кокетирања не можам во делови да ги разберам и затоа не треба судот да го цени ова – рече Јовановски.