Од СЈО потврдија дека Катица Јанева од затворот во Шуто Оризари дала наредба сите истраги и предистражни постапки во рок од три дена да бидат префрлени во Јавното обвинителство.

Во текот на вчерашниот ден до ова Јавно обвинителство од страна на Основниот кривичен суд Скопје доставено е полномошно кое Катица Јанева преку КПУ „Затвор Скопје“ го доставува до ова Јавно обвинителство. Со полномошното Јанева ги овластува обвинителите во ова Јавно обвинителство да ги предадат на Јавното обвинителство на РСМ предметите кои се водат во ова Јавно обвинителство и тоа: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага.

Имајќи го предвид законот за СЈО и одредбите за автономија на Обвинителството, во текот на денешниот ден ќе биде испратен допис до Јавното обвнителство на РСМ со цел запознавање на Јавниот обвинител на РСМ со ваквото полномошно, по што ќе биде донесена одлука за евентуално понатамошно постапување.

За наредбата на Јанева треба да биде донесена одлука на колегиумот на СЈО. Инаку, во СЈО без поднесено обвинение останаа десетици истраги.