Поранешниот министер Миле Јанакиески кој од петокот повторно се наоѓа во затворот во Шуто Оризари и кој најави дека ќе штрајкува со глад, како што велат од затворската управа, во понеделникот примил храна, вода и облека од дома. Од Управата тврдат дека здравствената и психичката состојба на Јанакиески е стабилна, но не знаат дали ексминистерот продолжил со штрајкот со глад или се храни од она што му носат од неговиот дом.

Адвокатот на Јанакиески, Еленко Миланов, вчера изјави дека причина за штрајкот на поранешниот министер е одлуката на судот кој му изрече мерка притвор за најновото обвинение на ОЈО за продажба на државно земјиште.

Јанакиески има две активни решенија за притвор. Покрај затворскиот кој се однесува на новото обвинение, на Јанакиески му беше продолжен и куќниот притвор за истражната постапка која се води за упадот во Собранието на 27 април 2017 година, а за што обвинителството го терети дека е еден од организаторите.