Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, по објавувањето на пресудата за „27 април“ со која беше осуден на 6 години и 3 месеци затвор, а откако обвинителството побара да биде однесен во притвор во истражниот затвор во Шуто Оризари, пред судот реагираше дека таквата одлука би била нечовечка.

– Сакам само да ви претставам една ситуација, како изгледа пред мојот дом, за да видите дека повеќе од доволна е мерката куќен притвор. По бегството на Мијалков, мене ме обезбедуваат 8 полициски службеници, секое возило што влегува и излегува од мојата зграда детално се претресува, а во моментов, бидејќи е топло, полицајците седат во ходникот од зградата и сум по 24 часовен надзор. Освен тоа, од август има поголем број предмети за кои треба да се спремаме и притворот го ограничува моето право на одбрана. Мислам дека е нечовечки по четврти пат да се носам во Шутка, од дома во Шутка, од дома во Шутка, четири пати сум носен… сите имаме фамилија, малолетни деца, јас 3 години сум веќе во притвор, 5 години ми е одземен пасошот и сум под мерки и мислам дека ова е малтретирање и изживување со човекови судбини – изјави Јанакиески пред судот.

Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски денеска од Кривичниот суд беше осуден на шест години и шест месеци затворска казна. Поранешниот министер за образование Спиро Ристовски доби казна затвор од шест години и три месеци, во која му се засметува времето поминато во притвор и куќен притвор. На ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески му е изречена шест години и три месеци во која му се засметува времето поминато во притвор и куќен притвор. Поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски доби шест години затворска казна, во која му се засметува и куќниот притвор.